Тоа е Брисел. Ја ограничи преговарачката маса за излез од кризата на четири столчиња, на кои седат и лица длабоко потонати во злоупотреби, корупција, криминал и изборна кражба. На иста маса повика џелати и жртви, но се погрижи џелатите да бидат во поголем број.
Потоа, божем се погрижи да им даде глас на граѓанките и граѓаните, па повика невладини организации и фашисти да седнат на иста маса. Тоа, барем, не им успеа.
Да, Брисел, кој има Комесар кој често ги менува изјавите и ставовите, претежно преку Твитер. На својот медијатор кој постигна фантастични успеси на преговарачката маса, наспроти неправедниот распоред на силите – не му ја даде неопходната поддршка. Извештајот на експертскиот тим кој направи извештај во кој со хируршка прецизност се опишани состојбите во земјава, го нарече независен. Од себе. Од Европа. Го споменува, но не го смета за обврзувачки.
И сега, тој ист Брисел, додека полицијата тепа и апси студенти и активисти за човекови права, ја држи преговарачката маса сè уште во нелегитимен формат со неправеден распоред на силите и истовремено воведува санкции. Тивко, срамежливо и во рамките на инструмент кој и онака не му значеше многу на екс-касиерот на Фамилијата.
Тоа се санкции од кои последиците нема да ги почувствуваат токму оние поради кои овие санкции се воведуваат. Ќе трпат оние што се жртви – граѓанките и граѓаните. И кога санкциите ќе земат замав, а препораката за почеток на преговорите за членство во Унијата ќе биде укината – маката ќе стане уште поголема, но не за оние што се одговорни за мизеријата, туку за оние што биле турнати во мизерија. Но, форматот на преговарачката маса сакаат да го задржат ист. Неразбирливо и неприфатливо.
Ако Брисел воведува санкции и се подготвува Македонија да ја избрише од листата на земји – кандидати, нема ни една причина да нè принудува да бидеме неми сведоци на преговори во кои криминалци и фашисти преговараат, божем, за излез од кризата која, впрочем, самите ја предизвикаа.
За разлика од Брисел, Вашингтон поконкретен. Како што се слуша во кулоарите, американската амбасада не му дала виза на „ми текна“ колекторот на идеите од „газдата“ на Македонија.
Можеби Брисел треба да го следи тој пример, па и повеќе. Да му даде на својот експертски извештај повеќе простор, да ги слушне препораките на медијаторот кој стана народен херој во Македонија, да ги тргне фашистите и криминалците од преговарачката маса или барем да ја редизајнира, како што тоа би го направила во својот двор, но и да провери неколку банкарски сметки и бизниси. Може да почне од Чешка, на пример.
Да се надеваме дека Берлин и Вашингтон ќе му дадат нова свежина на овој тегобен процес кој Брисел го постави на погрешни основи. Но, како и многупати досега, уште еднаш ќе кликнам: Нашата иднина е во наши раце, на секој од нас поединечно и сите заедно. Додека тоа не го разбереме, ништо од нас. Ќе кркаме санкции, ќе живееме во гето, а децата ќе ни заминат до последно.