Под мотото „Правдата е Устав, СЈО е правда“, Шарената револуција ги повикува граѓан(к)ите на протест на 6 јули (среда), во 19.00 часот, пред Специјалното Јавно обвинителство. "Заштитата на СЈО е гаранција дека ќе има правда во Македонија, но, власта и Уставниот суд упорно се противат на волјата на граѓаните и подготвуваат опасен план за криминалот да продолжи да владее", стои во соопштението на Шарена револуција, објавено на нивниот официјален Фејсбук профил.
Едно од најважните барања на Шарената револуција продолжува да биде упатено до Устаниот суд.
„Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното Јавно обвинителство и на тој начин да се овозможи да одговараат сите функционери кои преземале криминални дејствија. Ова го бараат граѓаните, заедниците и политичките фактори кои се борат за демократизација на Република Македонија“, стои во соопштението.
Протестот најавен за утре го поддржуваат и од граѓанската иницијатива "Го сакам ГТЦ".
Во повикот се вели: "Оваа Влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти, како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие и ги одземаа надлежностите на Општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа Влада нема разбирање, а 'Скопје 2014' може да се спречи само ако Владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот во среда на Шарената револуција. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!"
Последниот протест на Шарената револуција беше на 27 јуни 2016 година.