Нашулова: Специјалците од ЕБР нè удираа по нозете

Во тензична атмосфера, со голем број неправилности и нерегуларности, со кражба на гласачките кутии и интервенција на специјалната полиција од ЕБР пред канцеларијата на СПУКМ, во четвртокот, е избран новиот студентски лидер, Давор Поповски. Студентски пленум обвини дека специјалците се однесувале насилно кон студентите кои инсистира на демократски избори наесен, а сега бараат поништување на изборите.  За тоа што, точно се случи овој „студентски четврток“, ЦИВИЛ Медиан разговараше со Јана Нашулова од Студентски пленум.

 

ЦИВИЛ Медиа: Што точно се случуваше дента кога се избираше претседател на Студентски парламент. Направете краток осврт на настаните кои што го одбележаа тој ден?

НАШУЛОВА: Да започнеме со случувањата на факултетите. Бевме присутни на платото пред УКИМ, каде забележавме голем број неправилности. Немаше Избирачки список на којшто можевме да се потпишеме и да провериме дали сме евидентирани, немаше параван за тајно гласање, гласачките кутии беа излепени непрописно, на тие што гласаа им се ставаше печат во индексот, иако тоа не смее да се прави, гласачките ливчиња изгледаа како флаери, без број и без печат. Кулминација на настаните се случи на Правен факултет, кога членови на УМС, (меѓу нив не се сите студенти, туку имаше и вработени во државни претпријатија) помогнаа да се извадат гласачките кутии надвор од факултетите. Кутиите беа однесени со приватни автомобили и донесени во канцелариите на СПУКМ. Се заклучија внатре и ни го забранија влезот во канцелариите, каде впрочем, сите студенти смеат да влезат. Останавме повеќе од четири ипол часа пред канцеларијата, со молење да слезат за да разговараме, да ги поништат изборите, оти не беа легални. На крајот, кутиите што недостасуваа беа внесени со специјалците од ЕБР. Пред тие да дојдат, имавме поднесено три пријави до МВР. Кога ја доставивме третата пријава, инспекторот и полицаецот кои пристигнаа, ни кажаа дека тие немаат надлежност, затоа што се работи за земјиште на УКИМ и без дозвола од Ректорот не смеат да влезат внатре.

ЦИВИЛ Медиа:  Што се случи откако ЕБР, пристигнаа пред канцелариите на СПУКМ?

НАШУЛОВА: По доаѓањето на Единицата за брзо распоредување, ние одлучивме дека нема да дозволиме да ги внесат внатре, кутиите кои што недостигаа. Седевме внатре со кренати раце и не направивме ништо за да ја загрозиме безбедноста на тие, кои ги носеа кутиите, само сакавме да спречиме кутиите да се внесат на пребројување. Припадниците на ЕБР влегоа и почнаа да не туркаат и да не вадат од тој простор, за тие да влезат внатре. Бевме истуркани во паркот и на крајот, не извадија на улица, каде останавме до 3 часот по полноќ, со молење да ги видиме претставниците, да разговараме со нив, но не ни беше ништо од тоа дозволено.

ЦИВИЛ Медиа: Дали припадниците на ЕБР беа насилни?

НАШУЛОВА: Прво, да почнеме со тоа дека седевме со кренати раце и викавме „Стоп за полициска бруталност“, а на тоа ни беше вратено со удирање по нозете, затоа што се трудеа да не истуркаат, не влечеа за да не тргнат, и на крај бевме одбиени од нивните штитови, па некои од студентите имаме модринки.

ЦМ