Граѓанските организации бараат место во преговорите

88 граѓански организации, иницијативи, групи, движења и синдикати се обратија до меѓународната заедница и до најголемите партии, истакнувајќи ја неопходноста за директно учество на граѓанскиот сектор во преговорите за излез од кризата. 

IMAG0685

На денешната прес-конференција граѓанските активисти, и се обратија на јавноста и го претставија соопштението кое беше доставено до Комисијата на ЕУ.

 

„Поаѓајќи од уставно загарантираната можност за непосредно изјаснување на граѓаните (член 2 од Уставот на РМ) и од уставната слобода за здружување (член 20 од Уставот на РМ) заради остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, убедени сме дека сега е вистинскиот момент што е можно повеќе граѓани да ги исползуваат овие демократски можности, со цел да се вклучат во решавањето на политичката криза и со тоа, да им помогнат на општеството и на државата", истакна актерката и активистката Симона Спировска.

Сања Богатинова, ја потенцираше важноста од фер и кредибилни избори.

„Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја. Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес, да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите. Веруваме дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните, а со тоа, ќе се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства", изјави Богатинова.

IMAG0682

Активистот Петрит Сарачини, ги посочи причините за учество на граѓанските организации.

„Ќе се обезбеди набљудување на преговарачкиот процес од позиција на граѓанскиот сектор, водејќи се притоа според начелата на работа на граѓанските организации: независност, транспарентност и јавност, непрофитност, непартиско дејствување и иницијативност во јавниот живот. Ќе се гарантира навремено, целосно и веродостојно презентирање на информациите од преговарачкиот процес пред граѓаните на Република Македонија, а во интерес на зголемување на транспарентноста и довербата на граѓаните во самиот процес. Ќе се овозможи ставовите на различните заинтересирани граѓански сектори и заедници да бидат претставени и чуени од страните во преговорите. Ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти и на тој начин, ќе се понудат решенија кои партиите инаку не би ги имале предвид. Потенцијалните експертизи и стручни мислења можат реално да помогнат полесно да се дојде до договор, а исходот да биде поквалитетен и во корист на правата и интересите на граѓаните", заклучи Сарачини.

„Протестното движење е ресурс и платформа која стои на располагање да го модерира процесот на комуникација во рамките на граѓанскиот сектор, со цел да се овозможи размена на информации меѓу организаторите на преговорите и страните заинтересирани за учество, како и да обезбеди диверзитет и инклузивност. Протестното движење стои на располагање да се стави во функција на комуникациски канал, преку кој сите заинтересирани страни ќе може да ги пренесат своите експертизи во роковите и процедурите кои ќе ги наложат организаторот и процесот", изјави денеска Филип Јовановски, дефинирајќи го протестното движење.

13592780_1026531287424442_7777492218457858640_n (1)

По завршувањето на прес конференцијата соопштението беше доставено до Комисијата на ЕУ, а ќе биде доставено и до политичките партии, потписници на Договорот од Пржино и до Амбасадата на САД.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, ја поддржува идејата и е една од 88-те организации, потписници на соопштението.

ЦИВИЛ Медиа