Граѓан(к)ите со петиција: Не за еврообврзницата!

Повеќе од 3.000 загрижени граѓанки и граѓани само за неколку дена се потпишаа на онлајн петицијата „Не за еврообврзницата! “, која беше објавена како револт од одлуката на Владата за нова еврообврзница до 650 милиони евра. На овој начин, како што за ЦИВИЛ изјави економскиот аналитичар Џевдет Хајредини, долгот на државата ќе се зголеми на пет милијарди евра!

Најновото задолжување на Владата го критикуваа голем број експерти, политичките партии, но и граѓан(к)ите кои на крајот ќе треба да го враќаат долгот.

Резултат на спротивставувањето на енормното задолжување на државата, е и граѓанската петици и протестот на Шарената револуција што пред два дена се одржа во Скопје, кога илјадници граѓан(к)и гласно кажаа дека се против новите задолжувања кои следните 10 години ќе треба да ги враќаат новите генерации.

Како што изјавија поранешниот министер Хајредини и финансискиот експерт Бранимир Јовановиќ, еврообврзницата е очајнички обид на владејачката ВМРО–ДПМНЕ, сега кога неповратните средства како ИПА фондовите, Европската комисија ги повлече. Според Јовановиќ, парите ќе се користат за политичката кампања на ВМРО–ДПМНЕ, додека Хајредини смета дека ако не се овие пари, Владата ќе се соочи со проблеми при исплаќање на долговите кон домашни фирми кои работеле на проекти како што е „Скопје 2014”.

М. Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian