Листата на 39.502 спорни гласачи кои Државната изборна комисија, ги објави како резултат на теренската проверка која официјално, претходно беше направена, не ги содржи најголемиот дел од спорните гласачи кои ЦИВИЛ – Центар за слобода ги објави како резултат на пријавите од граѓанки и граѓани што пристигнуваа на адресата на ЦИВИЛ, веднаш по објавувањето на увид на Избирачкиот список
Ѕвезда Огненоска е само една од загрижените граѓани која ја пријави грешката во Избирачкиот список. Како што таа тогаш изјави за ЦИВИЛ, со години живее сама на улицата „Кузман Јосифоски - Питу“, број 250, во Прилеп. Во списокот на гласачи кој беше објавен на страната на ДИК на нејзината адреса е запишан уште еден граѓанин, С. К.
Сепак, лицето С.К. не е дел од официјалниот список на спорни гласачи.
На број 248 на истата улица во Прилеп, според пријавата која пристигна во ЦИВИЛ, двете лица кои според тогаш објавениот Избирачки список, живеат на таа адреса, се лица за кои жителите на Прилеп од оваа улица, никогаш не слушнале!
Овие две лица, В.К. и Д.К. не се дел од спорните гласачи кои треба до 25-ти август да се пријават во ДИК.
“Во Кавадарци на ул. 'Блажо Тодоровски'„ избирачко место 0678 постои личност на адреса која воопшто не постои. Бројот 0000 не постои на нашата улица. Јас 50 години живеам на таа улица и никогаш немало број 0000, ниту постои лицето Ш.С.”, стои во друга пријава која ЦИВИЛ, веќе ја објави.
И во овој случај, укажувањето за спорни гласачи од ЦИВИЛ, не е земено предвид, односно, и Ш.С. не е дел од спорните гласачи.
Се поставува прашањето: ако списокот со спорни гласачи, не е составен од пријавите на кои веќе се укажуваше, а кои без сомнеж говорат за недоследности, и наспроти тоа, на списокот се наоѓаат познати личности, кои живеат, работат и плаќаат данок во државата, која е релевантноста на самиот список, и како на овој начин да се очекува конечно да се пречисти Избирачкиот список, како основа за одржување на фер и демократски избори?
Марија Теговска