Избрано ад хок - телото за контрола на медиумите

Привремената комисија за следење на медиумското претставување за време на парламентарните ибори ќе биде составена од Слаѓана Димишкова и Горан Трпеновски од „Вест“, Цветин Чилиманов од МИА и Љубомир Костовски од онлајн неделникот „Глобус“. Четворицата новинари ќе треба да го контролираат известувањето на медиумите во 100-те дена пред изборите, што е обврска од Договорот на четирите партии во Пржино. Избраните новинари ќе треба да го одредат и петтиот член којшто треба да биде Албанец.

Чилиманов и Димишкова се избрани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, додека  Трпеновски и Костовски, по предлог на СДСМ.

Агенцијата за медиуми треба да обезбеди услови за работа на оваа привремено тело. Тоа ќе ги разгледува извештаите на стручните служби на Агенцијата за медиуми за балансирано известување пред и за време на изборите и да контролира дали се почитува Изборниот законик.

За првиот прекршок телото ќе изрекува опомена, а за секој нареден -парична казна со максимална висина од 4.000 евра. Ова тело не може да бара да се затвори некој медиум, ниту пак новинар да биде казнет заради искажано мислење.