ЦИВИЛ меѓу настраданите: Трауми, изневереност, очај и гнев!

Дегутантна предизборната кампања започна во поплавените подрачја, граѓан(к)ите обвинуваат за досегашните лажни ветувања на партиите на власт, но и за партиска дискриминација при поделба на хуманитарната помош

Скопското село Црешево денеска со солзи и тага ги испрати своите двајца сограѓани, татко и син, жртви на водената стихија во саботата. Нема семејство кое не се соочува со трауми од поплавите. Урнатини, свлечишта среде село, кал, лизгава почва, разочарани лица, кои се обидуваат да им најдат место во мислите, да ги спакуваат паниката и емотивната болка како последица на преживеаната драма од поплавите.

Делејќи ја колективната тага од трагедијата што ги снајде, меѓу дел од жителите се раѓа и гнев и незадоволство. Партиите и политичарите и овој пат „замешале прсти“. Се обидуваат да ќарат ппоени, на маката на граѓаните. Настраданите тврдат дека хуманитарните донации се делат по партиска припадност, а притоа дискриминирани се граѓан(к)ите од опозицијата и неопределените.

Од околу 1.200 жители на Црешево околу половина се гласачи за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а стотина на СДСМ. И токму тие, велат активистите од опозицијата, се дискриминирани. Меѓу нив сведок на овие случувања е Зоран Стојановски, стопанот на шестчлено семејство без ниту еден вработен, земјоделец којшто со мака и пот се обидува да го прехрани своето семејство. Но, не само што претрпел штети во куќата, туку и родот му останал по нивите, па сега се бори за егзистенција. Примарна му е битката, за вода и храна. Тој тврди дека од штабот на ВМРО-ДПМНЕ во селото се дели помош за партиското членство, и тоа во големи количества, а луѓето од опозицијата добиваат суровини и вода во минимални количества. Затоа апелира и бара помош од Црвен Крст, со надеж дека е невладина организација, која нема да ги дискриминира граѓан(к)ите по ниту еден основ.

Во скопската населба Камник, пак, има околу 350 семејства, најголем дел граѓан(к)и од албанска националност и гласачи на ДУИ. Но, сега овие луѓе се целосно разочарани. Дел од нив, вината ја фрлаат врз власта, ДУИ и коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а друг дел велат: „Ова е дело на природата и наместо да се бара виновник, треба да се бара решение“. Но, Исени Решад, член на ДУИ, а порано и нивен истакнат активист во населбата, ја повикува пратеничката Ермира Мехмети, (која тврди токму овде добила многу гласови) да ги посети жителите. Го повикува и раководството на ДУИ, за да им помогнат на граѓаните. На неговото петчлено семејство, му се уништени 100 грла овци, има штети и кај пченицата. Иднина не гледа овде во Македонија, само во странство. Исени смета дека жителите на Камник се жртви на политиката и дека политичарите доаѓаат само за време на избори, да соберат гласови, а потоа, забораваат на нивните маки и проблеми. Потврда за тоа вели е и фактот што во цело село има само пет до шест вработени, другите живеат од земјоделство, од својот труд и пот по нивите.

Екипата на ЦИВИЛ Медиа денеска разговараше со многу жители од овие две загрозени населени места. Речиси никој од жителите не крие дека државата, власта не презела мерки навреме за да им се обезбедат урбани услови за живот. Населените места се со огромни комунални проблеми. Некои немаат ни фекална, а камоли атмосферска канализација, каналите и пред тоа биле неисчистени, затрупани, па обилните поројни дождови во саботата, кои траеле со часови, велат потсетувале на библиски потоп. Но, тврдат дека доколку државата и политичарите ги исполнеле нивните ветувања досега, и ги урбанизирале овие подрачја, секако дека трагедијата ќе беше избегната.

Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски