„Во Македонија е направна таква форма на затворање на општеството, со што е оневозможено елементарно споредување со се она што претставува достигнување и развој на цивилизацијата, на промоцијата и заштитата на човековите права во светот. Луѓето како да се согласуваат со многу малку, како да се согласуваат со големи ограничувања на нивните права, во склад со паролата: ‘Добро, главно се преживува!'“, вели професор Мирјана Најческа, експертка за човекови права и граѓанска активистка, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=kJ7Z3MWkrXs[/youtube]
Како експерт за човекови права, долгогодишен научен работник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, од Скопје, Најческа ќе биде еден од панелистите во дебатата на тема „Македонија со или без слобода“ , што како дел од Караванот за слобода, утре (11 август) ќе се одржи во Струмица.
Според нејзините оценки, во Македонија во моментов, не само што не се намалува, туку, секојдневно се зголемува стравот кај граѓан(к)ите .
„Секојдневно се зголемува стравот за сопствената егзистенција, за егзистенцијата на најмилите, стравот од полиција, од казнување, стравот од се и сешто, што го опкружува човекот. Во секој случај, сиромаштијата не се намалува. Автоматски, со егзистенцијалната неслобода, се намалува и можноста за човековата политичка слобода, за слободно живеење, за слободен избор... Бидејќи не можеме да очекуваме човекот којшто, условно кажано, би бил купен со една вреќа брашно, сега да може да го направи својот слободен избор. Не можеме да зборуваме никако, ниту за елементарно ниво на слобода во Република Македонија! Со тоа е поврзано отсуството на било каква можност за остварување на низа други права: правото да се побуни, правото на човекот да има свое мислење, правото да го искаже своето мислење... Сето тоа е поврзано со оваа елементарна слобода од страв или немаштија“, оценува Најческа.
Моника Талеска
Камера: Ермин Климента