Граѓаните од загрозените подрачја бараат оставка од Владата

Шерифе Зекири (64) од скопско Камник, мајка на две деца и баба на 6 внуци, со солзи во очите, ја раскажа за ЦИВИЛ Медиа, драмата низ која поминало нејзиното семејство во поплавите во саботата вечерта. Вели, едвај спасиле жива глава кога водената стихија, влегла во првиот кат од семејната куќа. Поплавени се сите соби одеднаш, а во едната спиеле седуммесечното внуче, со двегодишната сестричка.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=QoqZ7FWUsIs[/youtube]

И Рефик Рустеми (60) живее во Камник.  Тој се сеќава на секој детал кога трагедијата тропнала на селските порти. Огромни бранови вода носеле се пред себе. Се слушал силен звук, страшен кога ѕидовите попуштале и пукале пред стихијата. Еден 83-годишен старец, врзан за креветот го однела водата, а изутрината кога стигнале војниците од АРМ, го пронашле неговото тело на излезот од селото. Друга жена, пак, се наоѓа се уште на лекување, зашто под притисок на водените млазеви, ѕидот од кујната се урнал врз неа.

На сите страни се слушал лелек, пискотници, повици за помош, возрасните кои имале можност ги спасиле децата, ги извлекле на повисоките катови или на таваните од куќите и таму останале со часови, додека им е понудена првата помош. А, громовите, молњите, силните дождови и стравотните млазеви со вода, кои носеле се пред себе, се стивнале дури во зори.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=SEdQmUte_0Q[/youtube]

Четири дена по поплавите, овие луѓе се исправени во борбата за егзистенција. Немаат ништо во своите домови, ни храна, ни облека, никакви услови за живот, родот им остана по нивите, останаа само лешеви од стадата добиток, кои им беа извор на егзистенција, а пари немаат.

Џемал Рустеми, тврди дека неговото семејство претрпело штета во висина од околу 100.000 евра. Тој за целата оваа трагедија ја обвинува Владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и се надева дека на следниве избори конечно ќе завршат како што вели, „сите лаги на двете партии“. Се чувствува изневерен, зашто ниту едно ветување на политичарите не е остварено, а опасноста за опстанок на селото и натаму демне.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=tdxs3koM-fE[/youtube]

Беџет Садики (50) е дециден во ставовите дека излез од целокупната криза има, само доколку се смени оваа власт. Тој не верува во политичарите, бидејќи вели веќе 25 години, им се ветуваат подобри инфраструктурни услови во селото.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=Ga_5HKTaMu0[/youtube]

Но, незадоволни од власта и со обвинувања за неисполнети изборни ветувања се и многу жители од соседните населени места во загрозените подрачја. Сите бараат промена на власта, зашто се чувствуваат целосно изневерени.

Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски

Оваа вест е достапна и на: English