Орданоски: Нема оправање на овој тип држава

Политичкиот аналитичар д-р Сашо Орданоски, во рамките на редовните видео-анализи при проектот на ЦИВИЛ за изборно набљудување - „Напред!“, го анализира нефункционирањето на системот за време на поплавата во Скопје и околните населени места. Кои се причините за тоа и што треба да се направи? - анализира д-р Орданоски, врвен аналитичар и универзитетски професор:

ordanoskiПоследните настани околу поплавите покажаа дека клучните системи во државата што би требало да постојат и фунцкионираат во предвидување и превенција на овој тип на несреќи, како и оние кои треба да се занимаваат со нивна санација - не функционираат добро или воопшто не функционираат!

Не успеавме да предвидиме дека ќе се случат такви врнежи какви што се случија, иако без оглед на природните феномени, тоа не би требало да е преголем предизвик за функционални служби, кои се занимаваат со хидрометеорологија. Сите елементи кои требаше да ги спречат тој тип на поплави, од чистење на каналите за одводнување, до бариери и друг тип на системи кои треба да се справат со тој тип на стихија - не функционираат!

Пошумувањето… Гледаме дека и по 50 милиони засадени дрвца во Македонија, таму каде што треба да ги има за да спречат поплави - и тоа не функционира. Тоа е еден дел од приказната.

Потоа дојде другиот дел, за време на самата трагедија, којашто траеше неколку часови. Видовме дека човечки животи можеа да бидат спасени, доколку функционираат тој тип на системи кои треба да се занимаваат со активирање на своите капацитети, додека трае тој вид на катастрофи. И тоа потфрли.

Потоа, дојде делот на санација на штетите. Низ тој период сѐ уште живееме. Гледаме дека државата не беше во состојба повеќе денови да реагира како што е потребно. Затоа, се активираа разни приватни, персонални реакции  кои се секако пофалба, зашто на луѓето во тие моменти им се будат инстинктите за солидарност и  помош. Но, тоа доаѓа како реакција на нефункционалноста на државните системи кои треба да се носат со тој вид на последици.

Сето тоа е резултат на една долгогодишна државна пракса, која подразбира негативна кадровска селекција, луѓе кои водат институции, а не се за тоа подготвени, што подразбира дека целокупната власт дури и во овој тип на функционални системи е сведена пирамидално - на еден човек. Тој човек мораше да се врати од одмор од Анталија, иако нема формално никакви овластувања, да застане како командант на целата таа лоша парада, за да почне да ги координира државните институции, органи, управи и дирекции… за тие да почнат некако да функционираат. За жал, да не беше трагично, имаше тука и смешни елементи на давање, на читање лекции на надлежни државни функционери. Сето тоа остави не само непријатен впечаток, туку де-факто, овозможи практично она што требаше да следува како ефикасна реакција на тој тип на несреќи, да не се случи во даденото време.

ordanoski - civil media setНо, тоа е Македонија. Ова не треба да нѐ чуди премногу. Во овој тип на држави, каде што се владее главно преку тендери, каде овој тип на функционери се повеќе задолжени за тоа, отколку да им  функционираат службите, токму тоа се случува.

Вие сега констатирате дека во државата нема некаков магацин, што би требало да има некакви резерви на вода, магацин со резерви од гумени чизми, пумпи за одводнување… Сега се распишуваат тендери за електрични пумпи кои не функционираат оти нема струја. На тоа граѓаните одговараат со стихијни акции за помош, кој-колку може, но тоа е несоодветен одговор на овој тип на предизвици кои ги предизвикуваат понекогаш природата, понекогаш други тип на непријатности и кога сите се надеваме, дека постои некоја држава што ќе се справи со тоа. Во држава која има 200,000 администрација, а само во последниот конкурс на МВР примија 600 луѓе на работа, млади, прави, способни, енергични луѓе, ние дојдовме во ситуација во која мора да помагаат возрасни луѓе, во години, за притоа да се констатира дека нема ни лопати за тоа да се направи - за да им ја намалиме болката на луѓето кои беа погодени од несреќата или да се санираат последиците.

Нема оправање на овој тип на држава, зашто таа е поставена накриво, на глава! Мене нема да ме зачуди, и џабе што зборуваме, дека сите градби кои се направени на кејот на Вардар од проектот 'Скопје 2014', не треба да бидат таму поставени поради ризикот од овој тип последици, при поплави, земјотреси... Сите надлежни тоа го знаат, а никој немаше, ниту сега има сила да се побуни против тоа, да повлече некој потег, што ќе предупреди на тоа.

Утре, не дај боже, кога ќе ни случи катастрофа со многу поголеми последици, ние повторно ќе се навраќаме на овој тип анализи. И повторно, тие што ги прават анализите, ќе бидат обвинувани дека прават политикантство, дека сега не е време за барање одговорност и повикување на некакви извештаи што ќе констатираат слабости, затоа што „сега е време да се помага, а не да се критикува“.

ordanoski - analiza

Така, државата нема да оди напред, и затоа оваа држава не оди напред.

Во такви ситуации луѓето почнуваат да веруваат во господ или бог, дека тоа е судбина, така е дадено и дека нема спас. Нацијата станува сѐ поболна и сѐ повеќе насочена кон бајачки, наместо да очекува да види каде се трошат парите и како се поставува соодветен систем што ќе се справи со овие болести.

Поради тоа, прашањето на одговорноста е бесмислено да се поставува. Одговорноста е концентрирана во еден човек кој има дури и неформална функција, претседател на партија. Ако таа одговорност се испостави дека треба да се поднесе, тогаш треба да се распадне целата пирамида. Бидејќи тука не е возможно да поставите прашање зошто е тоа така, никој не поднесува оставки, никој не повлекува потези кои ќе укажат на лична или одговорност на институции.

Сето тоа преминува во политички конфронтации и во една состојба во која ништо не се подобрува, за следната прилика кога можеби повторно би се случиле ваквите работи.

Обработка на текст: Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Владо Крстевски

Фото: Џабир Дерала

 


german-cooperation-logo-cОваа анализа е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish