Надзорната собраниска расправа, на која ќе се дискутира за начинот на кој работеле и пропустите кои ги направиле институциите, во делот на заштита од поплави, што доведе до 23 изгубени човечки животи и големи материјални штети од невремето кое го зафати скопскиот регион на 6-ти август, ќе се одржи деновиве. ЦИВИЛ Медиа разговараше со претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Панче Орцев од СДСМ.
„Главна цел на надзорната расправа е да се лоцира одговорноста. Имаме изгубени животи и голема материјална штета, за што сметаме дека сите кои ќе бидат повикани како сведоци, имаат одговорност за незавршувањето на работните обврски. Како сведоци ќе бидат повикани министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот за животна средина и просторно планирање, директорот на Управата за хидрометролошки работи, директорот на Центарот за управување со кризи и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Гази Баба. Доколку се беше направено како што треба и работата навремено беше завршена, штетите немаше да бидат толку големи, и немаше да има толку многу човечки жртви“, потенцираше Орцев во изјавата за ЦИВИЛ Медиа.
Тој се осврна и на периодот пред поплавите, но смета дека и за време на поплавите институциите не одговорија на висина на задачата. „Ние, со оваа комисија, сакаме да ја лоцираме одговорноста. Иако сме во опозиција и сигурно ќе ни оди тешко, сепак, сакаме да подготвиме заклучоци кои ќе бидат доставени до Собранието, за на крајот, да се бара и одговорност“, вели Орцев.
На прашањето кои се очекувањата и дали преку надзорната расправа ќе се успее да се детектира вината, со цел катастрофалните штети од поплавите да не се повторат, Орцев вели: „Ова е оптимистичка изјава, сепак, ние како пратеничка група ќе излеземе со заклучоци од оваа расправа, на која ќе бидат повикани сите од кои ќе се бара мислење, а и ќе бидат испрашувани. На овој начин, ќе се утврди дали треба да се направат промени во законската регулатива, а ќе се направи и проценка дали се спроведувала постоечката, и на крај, дали е некој одговорен. Со оглед на искуството, не сме оптимисти дека надлежните искрено ќе презентираат што е сработено, но и ние имаме информации. Надзорната расправа е замислена во формат во кој секој ќе има пет минути да ја претстави својата работа, а потоа, пратеник кој ќе биде назначен ќе го испрашува. На овој начин, јавноста ќе биде информирана за што се случувало“.
Владејачката ВМРО–ДПМНЕ, иако ја прифати иницијативата за одржување на собраниска надзорна расправа, стои на ставот дека се работи за временска непогода. Според Орцев, ова е класично оправдување на ВМРО–ДПМНЕ - дека наводно, никој не е виновен за поплавите.
„Има вина... Вината е во неисчистените канали, во канализацијата во Стајковци, во урбанизацијата, вина има и во исечената шума, а нова не е засадена. Секако дека има вина и ние ќе се обидеме да ја лоцираме. Тоа за жал, резултираше со 23 жртви, а има информации и дека се повеќе, сепак, тоа без докази е тешко да се тврди“, смета Орцев.
Надзорната расправа доаѓа по иницијативата на пратениците на СДСМ, која Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство едногласно ја прифати.
Марија Теговска