Свети Николе и околината беа зафатени од поројни дождови ноќта меѓу 6 и 7 февруари 2015 година. Реките се излеаја и предизвикаа големи штети. Надојдените води од реките Мадровица и Периш урнаа мост стар десет години во светиниколската населба Ливадиште, во која живеат педесетина семејства.
Урнатиот мост ги отсече жителите од оваа населба. Тоа беше повод за екпсресна реакција на централната власт и локалната самоуправа. Во критичната ноќ, локалната самоуправа и армијата поставија вреќи песок и го спречија излевањето на реката Периш, но надојдените води го урнаа мостот во Ливадиште.
Следниот ден, Министерот за здравство Никола Тодоров ја посети локацијата и вети дека владата ќе изгради нов мост.
Проблемот со урнатиот мост е актуелизиран и во Собранието на Република Македонија.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе, Благица Ласовска, постави и пратеничко прашање до Владата на Република Македонија во врска со санацијата на овој мост.
“Првото мое прашање е поврзано со неодамнешните поплави и конкретното прашање е дали Владата, односно кризниот штаб за поплавените подрачја има предвидено санација на срушениот мост во Свети Николе, во населба Ливадиште, кој се сруши за време на поплавите?“, е дел од првото прашање кое Ласовска го постави на 26 март 2015 година.
„Сакам да потенцирам дека Владата уште од првиот ден, кога се случија поплавите па сѐ до денешен ден има многу сериозен пристап кон ова прашање да се надоместат земјоделците и селаните во делот на земјоделските посеви и имотот кои што настрадаа со поплавите... Како и да е, најзначајно е дека селаните и земјоделците нема да бидат оставени сами ниту во делот на надомест на штета што е за нивните посеви, земјоделски површини и имот во куќите, ниту пак во делот на изградбата на локалната инфраструктура во сите сегменти“, одговори Ставрески, како тогашен министер за финансии.
Од тогаш, единствените активности за санација на штетата е само поставувањето на земјен слој врз искривениот и изместен мост, односно истиот ниту е отстранет, ниту пак се преземни некакви мерки за изградба на нов, како што вети Тодоров.
Најавите дека следните дождови жителите на светиниколската населба Ливадиште ќе ги дочкаат со нов мост не се остварија. По помината една година и еден месец, обилните дождови, на 10ти март оваа година повторно го зафатија Свети Николе и предизвикаа зголемување на дотокот на реката Периш и целосно рушење на мостот.
Дека мостот ниту е тргнат, ниту дека постојат градежни зафати за правење на нов мост, кој им беше ветен на педесетина семејства од населбата Ливадиште од страна на власта, зборува и фотографијата направена на крајот на јули 2016 година.
Наспроти ветувањата, ситуацијата на местото е ужасна. Целосно уништен мост, пропаднат и обраснат во трева, стои како препрека во речното корито на реката Периш, со потенцијална опасност при евентуални и помали дождови да предизвика повторно поплавување на куќите од населбата.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со секретарот на Општина Свети Николе, Трајче Коцев, кој потврди дека санација на мостот не е дел од активностите на локалната самоуправа за наредниот период. „Не можам да ве лажам, мостот нема да се санира. Доколку сакате да ве лажеме, разговарајте со градоначалникот. Градоначалникот вели дека нема пари за тоа“, ни одговори Коцев. ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие одговор и од градоначалникот Зоран Тасев, но како што нѐ инфорираа од неговиот кабинет, неделава е надвор од државата.
Стојанче Манев, граѓански новинар
Оваа содржина се објавува во рамките на августовскиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објективна ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.