Елена Пренџова е поетеса, која покрај восхитувачката умешност за поезија и интерпретација со силен емотивен набој, е и голем вљубеник во слободата. За себе вели дека е урбана поетеса, која задоволствата и незадоволствата од градот во кој живее ги преточува во песна. Родена е во 1985 година. Има освоено повеќе награди, како „Македонска книжевна авангарда“, најдобар поет на интернационалните „Први регионални поетски средби“ во Брчко, Босна и Херцеговина, добитничка на прва и специјална награда на Мелничките вечери на поезијата во Бугарија во 2007 и 2011 година, наградата „Бели мугри“ што ја доделува Домот на култура „Кочо Рацин“.
Пренџова настапи на настаните на Караванот на слободата во Струга и Куманово. Токму поради општествената ангажираност, но и одбивањето да се робува на традиционалните поетски изрази во нејзините стихови, со неа зборуваме за уметноста и слободата.
ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за слободата?
Елена Пренџова: Јас мислам дека треба да жртвува нешто. Мислам дека треба да ја живее слободата. Ако самите уметници и уметнички се самоцензурираат тогаш самите си ја кинат слободата. Никој не може да ни ја даде и никој не може да ни ја одземе слободата. Ние си ја даваме самите на себе и ја живееме. Така што, уметноста сама по себе е слобода, без граници и без цензури. Едноставно, ја живееме исто онака како што го живееме животот.
ЦИВИЛ Медиа: Дали сметаш дека уметниците во Македонија се општествено активни и одговорни?
Елена Пренџова: Утопистички и идеалистички, сакам да сметам дека секој поединец и секоја поединка е општествено активна и одговорна. Или, барем, треба да биде општествено активна и одговорна. Секако поголемиот дел од таа општествена активност и одговорност останува на јавните личности и на уметниците како дел од нив, меѓутоа, сепак сметам дека онаа поголема доза на општествена одговорност е право на избор. Секој уметник и уметница – треба самите да изберат дали треба да бидат и дали сакаат да бидат поприсутни во таа општествена одговорност и дали сакаат да бидат, повеќе или помалку, активисти и активистки. Меѓутоа, мораат да имаат на ум, и да не го изберат тој пат, со секое свое објавено дело, од која било уметност – тие имаат општествена одговорност. Токму затоа, ако тие самите не си ги постават границите и цензурата, никој не може да им ја одземе слободата.
ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?
Елена Пренџова: Да избереме да бидеме слободни и да успееме да им ја дадеме слободата на другите, во смисла, да ги освестиме дека слободата е во самите нас.
Оваа вест е достапна и на: Albanian