Савески, Левица: Не сакаме фотелји, туку уривање на режимот!

Здравко Савески, член на Президиумот на Левица на својот Фејсбук профил неодамна напиша: „Брее, колку душегрижници да ти имала Левица! Ако одите самостојно, ништо нема да направите, ќе завршите како ЛДП во 2011... Па, да го кажам во тој контекст следново: Ние сметаме дека има значителен број граѓани кои не ги сакаат криминалците на власт, но не се подготвени да гласаат за коалиција во која е и СДСМ. И кои, ако нема опција за гласање различна од СДСМ и ДРПМНЕ - нема да излезат на гласање или ќе гласаат за ДРПМНЕ...“

Ако бројот на граѓаните кои без политичка понуда различна од оние на СДСМ и ДРПМНЕ - нема да излезат на гласање - е голем, според Савески, „Левица, како единствена партија која нема багаж зад себе, има најдобри шанси да ги придобие тие гласови. А ако тој број е мал, граѓаните ќе ги казнат партиите што не отишле на избори со СДСМ. И, Левица нема да влезе во парламентот. Да ги смирам нашите душегрижници, во таков случај, ако не влеземе во парламентот, нема да паднеме во очај  Не правиме ние стратегија како најлесно да фатиме фотелји, туку стратегија како да се максимализира бројот на гласови против режимот. И дегутантна е, и премногу дилетантска претпоставката дека секој глас што ќе го добие Левица, во поинаков случај сигурно би завршил на контото на СДСМ“.

Пораката на Савески се совпадна со почетокот на серијата интервјуа на ЦИВИЛ Медиа со партиски лидери, во рамките на проектите за изборно набљудување. Тоа, но и бројните проблеми со власта кои ја придружуваат оваа партија, беше добар повод, серијата да ја започнеме токму со Савески.

IMG_2120

ЦИВИЛ Медиа: Левица е под силен удар на власта, со притворени членови на раководните тела и стигматизација. Дали постојат притисоци и од други структури на моќта? Ако да, кои се тие? Како се манифестира тој притисок?

САВЕСКИ: Поради нашето учество на протестите против режимот, не само од оваа година, туку повеќе години наназад, режимот оваа година реши да врши репресија врз нас. Наши членови беа физички напаѓани, приведувани, повикувани на информативен разговор, држани во куќен притвор, се водат судски процеси против нас поради учеството во протестите... Но, Левица е цврста и не можат нас да нè скршат!

Што се однесува до притисоци од други центри на моќ, нема директни и експлицитни, како тие што ги прави режимот. Но, покажување заби кон Левица има. Особено медиумите, оние „слободните“, не неслободните, знаат да „отстапат“ од принципите на објективно и непристрасно известување. Медиумскиот бојкот од режимските медиуми за нас беше очекуван, но непријатно сме изненадени што и „слободни“ медиуми знаат да не објавуваат информации за активностите на Левица, било поради преферирање на друга опозициска опција, било поради конфликтот со бизнис-интересите на газдата на медиумот. Ним би им порачал, не сме (уште) Северна Кореја за да мислите дека ако не известувате за активностите на Левица, народот нема да слушне за нас.

IMG_2118

ЦИВИЛ Медиа: Како ќе настапи Левица на изборите? Во колку изборни единици?

САВЕСКИ: Во ситуација кога кај граѓаните постои незадоволство не само од режимот, туку и од сите досегашни политички партии, Левица смета дека е најзина морална одговорност да излезе самостојно на избори за да им понуди на граѓаните опција за гласање за една експлицитно антирежимска партија која нема багаж зад себе. Но, пред да ја донесеме конечната одлука дали ќе одиме самостојно на избори и во колку изборни единици, сакаме да испитаме колку постои расположение кај останатите антирежимски партии да поддржат антирежимски, непартиски, граѓански листи зад кои би застанале сите антирежимски партии. Овој предлог ја има големата предност пред концептот за настап на антирежимски партии со единствени партиски листи, во тоа што далеку поголеми се шансите за нив да гласаат и оние граѓани кои се незадоволни од режимот, но чувствуваат анимозитет и кон СДСМ. Ако овој наш предлог за обединување на опозицијата зад антирежимските граѓански листи се прифати, Левица е подготвена да застане целосно зад нив и да ги поддржи.

ЦИВИЛ Медиа: Како се финансира партијата?

САВЕСКИ: Левица како партија која отворено застана на страната на работниците, сиромашните и обесправените, токму поради таа причина нема некој тајкун кој стои зад неа. Заради тоа, ние и немаме многу пари. Единствен извор на финансирање ни е членарината од нашите членови, од кои многумина и самите се во незавидна економска положба. Но, она што не може да се направи со пари, може да се направи со срце и цврста волја. Подготвуваме автентична изборна кампања, која нема да биде скапа, но ќе биде со срце и уште сега ќе кажам дека ќе ги критикуваме сите оние политички партии кои ќе се расфрлаат со пари во нивните изборни кампањи, во услови кога народот нема леб да јаде!

 Биљана Јордановска

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian