Остануваат 11 недели до закажаниот термин за предвремени парламентарни избори, кои треба да ја прекинат долготрајната политичка криза. Но, во Македонија нема видлив напредок во сферата на медиумите и во подготовките за фер и кредибилни избори, а продолжуваат и опструкциите на работата на Специјалното Јавно обвинителство (СЈО). Уставниот суд сé уште не одлучил за уставноста на СЈО, а медиумите наместо минимум објективно и балансирано информирање, продуцираат скандали. Отворено е и прашањето дали ќе се регулира бројот на гласачи во Третата, Четвртата и Шестата изборна единица...
Највисокиот законодавен дом, речиси една недела наликува на театарска сцена на која се игра пародија на демократијата, по сценарио на власта. Пратениците од мнозинството, под сите етички норми, со исмевање и сарказам се „нафрлуваат“ врз Специјалната обвинителка Катица Јанева. На медиумските пулени на Владата во фокусот им е тантелата, а не работата на Јанева и кривичните дела кои произлегуваат од нејзината и од работата на СЈО... Во услови кога државата нема капацитет да создаде предуслови за решавање на политичката криза, повторно се мобилизира Шарената револуција. Политичката состојба во Македонија е многу сложена, можеби посложена отколку пред Договорот во Пржино...
Шарената револуција во одбрана на СЈО
Денеска во 17:00 часот пред Собранието, продемократската македонска јавност повторно ќе се мобилизира за да изрази поддршка на работата на Специјалната обвинителка Јанева и на нејзините колеги, кои макотрпно се борат со партизираните судски институции - за да ја донесат вистината на виделина.
Експремиерот Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека ако добие покана од Кривичниот суд, ќе се појави како сведок во случајот „Пуч“, во којшто е обвинет лидерот на опозиционата СДСМ, Зоран Заев. Но, факт е дека Кривичниот суд на Груевски не му ни доставил покана за последното рочиште. Во спротивно, нејасно е како Груевски кој е сведок во случајот, „одбива“ да му се суди на неговиот најголем политички ривал и на најголемата закана да биде симнат од тронот по еднодецениско владеење - опозициониот лидер, Заев. Спрегата меѓу судството и власта е повеќе од очевидна и во овој и во другите случаи кои ги води СЈО, а за кои не може сé уште да ги добие доказите од другите судски инстанци.
Провладините медиуми и пратениците оркестрирани во парламентот, секако според сценариото на власта, се обидуваат по секоја цена да ја изместат од оската работата на СЈО. Па, за нив, најбитен е имиџот на обвинителката Јанева: како седи, каква гардероба носи... Повеќе, отколку круцијалните прашања за решавање на политичката криза: Кој е сé виновен, инволвиран во кривичните дела кои произлегуваат од аферата „Прислушување“ - од материјалите снимени на аудио лентите, што опозиционата СДСМ на прес-конференции во најголема мера ги обелодени и кои и се познати на јавноста.
И зошто сега, со „дрјва и камења“ се нафрлија сите врз обвинителката?! Веројатно затоа што меѓу првоосомничените не е никој друг, туку најистакнатиот македонски политичар, но и најконтроверзниот, којшто само со популизам успева со години да ја задржи власта. Ќе успее ли под сите притисоци - Јанева да го пресече „Гордиевиот јазол“ за Македонија? Ќе има ли доволно храброст да се избори со партизираните институции и сеачите на страв и закани, и да ја изведе на голема врата вистината за тоа, каде се извршени кривични дела и тешкиот криминал во Македонија?
Медиумите и натаму под силен владин притисок
Според анексот на Договорот од Пржино, македонските 18 национални радиодифузери се клучни за креирање на приближно објективна слика за македонската реалност. Тие требаше во периодот до избори, значи за 100-на денови, да ја „бомбардираат“ јавноста со објективни вистини, со балансирано информирање и без критизерски, туку со критичен тон, низ објективната новинарска призма, низ која се кршат невистините и лагите и да и презентираат на македонската јавност точни и навремени информации.
Меѓутоа, освен формирањето на ад хок телото, петчлената Привремена комисија за која се трошат високи хонорари, но која ни малку нема придонес во работата на медиумите и за враќање на објективното новинарство на сцена, во сферата на медиумите во Македонија - ништо не е сменето кон подобро. Напротив!
Од „кујната“ на власта, а во лавиринтите на јавниот сервис - Првиот програмски сервис на МТВ е продуциран невиден, крајно нечовечени под сите професионални стандарди и норми - скандал, со снименото интервју на обвинителката Јанева. Објавувањето на рестловите од снименото интервју е само потврда колку МРТВ е алатка на владејачката партија.
Обидувајќи се да наштети на имиџот и да ја оцрни пред јавноста одговорната уредничка Санта Аргирова, (политичко решение на опозиционата СДСМ, кое треба да обезбеди балансирано и објективно информирање во Информативната програма на МТВ), власта само покажува колку е неуспешен Договорот од Пржино и колку е дволично е ставен потписот на тој документ. Медиумската обработка, пристапот кон ова интервју од провладините мегафони, ни малку не се однесува на личниот и професионален капацитет на Јанева, туку исклучиво е потврда за партизираниот јавен сервис, за чија работа граѓан(к)ите плаќаат радиодифузна казна (РДТ), а УЈП таа РДТ ја наплаќа дури и со извршни решенија од граѓани кои го изгубиле видот. Тоа е македонскиот медиумски парадокс во моментов.
Власта притвора новинари во време на избори!
Врв на целата медиумска фарса, е случајот на новинарот Зоран Божиновски кој е петти месец во затвор, обвинет за шпиунажа. Тој избра штрајк со глад, во замена за неговата слобода, испраќајќи порака до македонската и меѓународна јавност дека нема да отстапи од своите намери. Оваа негова одлука, фактот што тој изгубил 20 килограми во затвор и што поради својата професија, поточно неговиот третман од страна на македонското судство го загрозува својот живот, ја алармираше и Европската федерација на новинари. Но, Кривичниот суд не му дозволи на генералниот секретар на оваа асоцијација, Рикардо Гутиерез да го посети Божиновски. Тој изјави дека не сретнал ваков случај досега, новинар да биде обвинет за шпионажа и потенцираше, дека судските власти, дури во Турција, му дозволиле да ги посетат притворените новинари, што не е случај со Македонија.
Европската федерација на новинари најави дека ќе го алармира Советот на Европа за случајот со Божиновски, а Советот ќе побара објаснување од македонската Влада, која е потписник на препораките на Советот во март годинава.
Случајот на Божиновски го отвора прашањето: зошто, на пример, македонското правосудство не бара притвор за високите функционери во власта, обвинети за тешки кривични дела, за кои претседателот Ѓорге Иванов објави аболиција?!
Ќе се прекројува ли изборната карта на Македонија?
Сите или во најмала рака, најголем број граѓан(к)и во Македонија, очекуваат предвремени парламентарни избори, кои ќе значат крај на политичката криза. Тоа впрочем, беше целта на Договорот од Пржино, да се прочисти единствениот Избирачки список, да се избришат фантомите и согласно сите стандарди да се реализираат фер и демократски избори.
Државната изборна комисија (ДИК), откако истекоа сите рокови за пријавување на „фантомските гласачи“ - беа евидентирани 39.502, објави дека 30.447 идентитети од овој список ќе бидат целосно избришани како непостоечки гласачи. Но, сепак, десетина денови пред изборите, ќе им се даде уште една можност на граѓан(к)ите да извршат проверки во Избирачкиот список и да побараат да се изврши интервенција, односно, нивните генералии да бидат ставени на активната листа, т.е. на единствениот Избирачки список, затоа што не се „фантоми“.
Дел граѓан(к)и, меѓу нив и експертот по право, професорката д-р Мирјана Најчевска достави и кривични пријави против сите членови на ДИК, и до Републичкото и до Основното јавно обивнителство, но одговор сé уште нема.
Ова секако ја дава сликата на македонското судствои на односот кон изборниот процес, во време, кога единствената точна на дневниот ред на мнозинство македонски граѓан(к)и се токму фер и кредибилни избори.
Од друга страна, останува отворено прашањето дали ќе има прекројување на изборната карта на Македонија. Заложбите на СДСМ, Македонија да биде една изборна единица, не беа прифатени, но дали ќе бидат прифатени заложбите на ДУИ, да се измени бројот на гласачи во Третата, Четвртата и Шестата изборна единица каде е надминат прагот и за што впрочем ДИК доставила известување до Работната група во Собранието. Денеска, Работната група конечно ќе одлучи по ова прашање, кое според ДУИ може да се реши доколку има политичка волја, а е услов за фер и регуларни избори во Македонија.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: English