За дебатата „Градоначалниците и слободата“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со исти прашања, со градоначалниците и Андреј Жерновски (Центар), Илчо Захариев (Штип), Ратко Димитровски (Кочани) и Изет Меџити (Чаир) .
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски (ЛДП), ги истакнува бројните инспекции како една од формите на притисок на централната власт над локалната власт која во Центар е од редовите на опозицијата, зборува за отвореноста кон граѓаните низ личните средби и на социјалните мрежи и заложбите за нивно учество во креирањето на проектите и на буџетската политика...
ЦИВИЛ Медиа: Имаат ли градоначалникот на Центар и локалната власт слобода во одлучувањето и автономија во спроведувањето практики и политики на локално ниво? Колку сте изложени на притисоци од централната власт или од раководството на Вашата партија?
ЖЕРНОВСКИ: Па, позната е во јавноста релацијата на Општина Центар со централната власт, тоа не е ништо ново. Од самиот почеток на моето влегување овде, изложени сме на серија притисоци, различен тип на притисоци, имавме над 50 инспекции на самиот почеток, да не зборувам за тоа што Општина Центар многу тешко може или воопшто не може да ги добие дозволите, за да почне некаква работа. Зборувам за дозволи од коишто зависиме, најчесто од Министерството за транспорт и врски, зборувам за релацијата со Град Скопје, која е нешто подобра во однос на релациите со централната власт. Општина Центар остана и единствена општина во Град Скопје која што сѐ уште, и по три години, не може да располага и со неизграденото градежно земјиште, одговорот е само во Владата. Досега не добивме одговор и јасна причина зошто е сé уште така. Понатаму, има низа примери за кои и во официјални документи на Европската унија е набележано дека се присутни. Можам да го набележам и демолирањето на Општината, дивеење кое воопшто не беше регистрирано во МВР, па затоа во два извештаја по ред, за состојбите во Република Македонија од Европската комисија е забележено дека предметот не е решен и дека продолжува тој однос на централната власт кон Општина Центар. Можам уште многу примери да редам. Ќе завршам со овој, има низа промени во законите во Република Македонија, кои се направени намерно, затоа што е изгубено влијанието на централната власт врз локалната власт во Општина Центар, пред сé, зборувам за промените во Законот за градење, во Законот за просторно и урбанистичко планирање, што всушност нѐ носи кон една друга работа што се случува кај нас, а тоа е - наместо процес на децентрализација, имаме процес на централизација. Се одземаат ингеренциите на локалната самоуправа, за да се пренесат на централната власт.
ЦИВИЛ Медиа: Дали и како во Вашата општина се поттикнуваат заложбите за почитување на слободата и граѓанските права?
ЖЕРНОВСКИ: Ние се обидуваме на сите можни начини да го дадеме правото на одлучување, на некој начин, на локалната самоуправа, и јас лично, така ја доживувам оваа функција којашто денес ја обавувам. Во самиот почеток, почнавме со една пракса - да имаме отворени средби со граѓани, значи, да дојдат тука еднаш во месецот, да ги кажат своите проблеми. Потоа, имаме редовни средби со граѓани, а јас лично одговарам на социјалните мрежи.
ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие лично, како градоначалник, во водењето на Општината (ќе) нудите простор за артикулирање на слободите и правата на граѓаните на локално ниво?
ЖЕРНОВСКИ: Отвораме низа на клубови каде што можат граѓаните да ги кажат своите проблеми. Сега сакаме да отвориме и бизнис-инкубатор, да може тука да се почнат бизниси, да почнеме со една многу битна пракса... Од минатата година и оваа година продолжуваме, а тоа е - пред да се оформи буџетот во Општината, граѓаните да ги кажат своите предлози и приоритети, да предлагаат проекти, а тие да станат дел од буџетот и од проектите на платформата на Општината. Од минатата година таа пракса започна и веќе реализиравме такви проекти, и мислам дека тоа е еден од начините на функционирање на локалната самоуправа. Затоа што поентата е - колку може повеќе граѓаните да учествуваат во креирање проекти и на буџетската политика.
Текст и камера: Моника Талеска
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.