За дебатата „Градоначалниците и слободата“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со исти прашања со градоначалниците Ратко Димитровски (Кочани), Изет Меџити (Чаир), Илчо Захариев (Штип) и Андреј Жерновски (Центар).
Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски тврди дека локалната власт слободно одлучува за сите прашања во рамки на надлежностите и дека и тој лично и советниците во Општината излегуваа во пресрет на барањата на граѓаните, а дека ако и има незадовоство кај дел од граѓаните, тоа е само во случаите кога нивните барања се пошироки и покомплексни, кои не се во надлежностите на локалната самоуправа...
ЦИВИЛ Медиа: Имаат ли градоначалникот и локалната власт во Општина Кочани слобода во одлучувањето и автономија во спроведувањето практики и политики на локално ниво? Колку сте изложени на притисоци од централната власт или од раководството на Вашата партија?
ДИМИТРОВСКИ: Како градоначалник, одговорно тврдам дека слободно се одлучува за сите прашања коишто ги имаме во рамки на нашите надлежности, пропишани со закон во рамките на локалната самоуправа и тие одлуки ги донесуваме заедно со останатото раководство во Општината, пред сé претседателот на Советот, раководителите на сектори. По одредени прашања, кога се донесуваат одлуки, можам да кажам дека такви консултации имаме секојдневно. Ние тоа го нарекуваме колегиум, почнува во 9 часот и трае петнаесеттина минути. Еднаш неделно, понеделнички, имаме поширок колегиум каде што присуствуваат и другите надлежни лица кои се поврзани со Општината, каде што се разгледуваат сите прашања. Таквите заклучоци ги пренесуваме, односно, тие ми даваат мене право, и се дополнување за моето понатамошно однесување. Така, целосно се одлучува на ниво на Општината. Апсолутно одговорно тврдам дека немаме притисоци во делот на надлежностите кои се на Општината. Имаме малку посериозни дискусии во однос на надлежностите кои се на државата, оние надлежности коишто ние сакаме да ги превземеме како локална самоуправа. На пример, во делот на регионалните патишта, во делот на здравството...
ЦИВИЛ Медиа: Дали и како во Вашата општина се поттикнуваат заложбите за почитување на слободата и граѓанските права?
ДИМИТРОВСКИ: Ние имаме соработка, односно, посебно одделение што е задолжено за правата на граѓаните и имаме комисија во Советот, којашто е доста активна, една од најактивните во Републиката за еднаков третман, за родова еднаквост, за слободата на граѓаните. Имаме посебно одделение, односно, дел од одделение за однесувањето на службените лица и можам да кажам дека како Општина, ги поттикнуваме заложбите за почитување на слободата и на граѓанските права.
ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие лично, како градоначалник, во водењето на Општината (ќе) нудите простор за артикулирање на слободите и правата на граѓаните на локално ниво?
ДИМИТРОВСКИ: Мора да земеме предвид дека секој од граѓаните на општината, може во секое време и овде во мојата канцеларија, но и надвор од официјалните простории, да контактира со градоначалникот, на улица, на некој официјален настан... Официјално имаме приемен ден во вторник, меѓутоа, секојдневно јас примам по десетина сограѓани со кои разговараме за проблемите кои ги пласираат. Јас така го сфаќам прашањето, во смисла на нивната слобода на локално ниво. Така што, апсолутно, за сето она што го посакале или го побарале граѓаните, можеме да разговараме. Друго е прашањето колку можеме да излеземе во пресрет на нивните барања и многумина си заминуваат и незадоволни, бидејќи некои од барањата се малку пошироки и покомплексни, односно, очекуваат дека градоначалникот може да ги исполни сите нивни барања.
Текст и камера: Моника Талеска
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.