ИЗБОРИ 2013: БЕСКРУПУЛОЗНА БОРБА ЗА ВЛАСТ

Нерегуларности, притисоци, тензии, манипулации, демографски интервенции и друг вид структурно насилство се карактеристика на овој изборен циклус воопшто, а вчерашниот ден на прегласување не беше исклучок од оваа слика, особено при прегласувањето во општина Центар

OLYMPUS DIGITAL CAMERAВо оваа прилика, сакаме да го свртиме вниманието на бескрупулозната борба за власт со која се газеше врз достоинството на граѓан(к)ите. Уште еднаш, структурното насилство и социјалните неправди оставија силен печат врз граѓан(к)ите кои живеат во сиромаштија. Болните, лицата со посебни потреби, невработените, децата и младите, корисниците на социјални надоместоци, сиромашните – се луѓето кои беа масовно злоупотребувани, уценувани и манипулирани и врз кои падна товарот на недемократското делување на центрите на моќ. Драстичен пример за тоа претставува манипулацијата со граѓан(к)ите на Пустец, Албанија кои беа злоупотребени и изложени на секаков вид понижувања и јавно жигосување.

Вработените во јавната администрација беа уценувани и употребени за партиски цели.

Изборниот процес во Република Македонија го придружуваа и сериозни институционални недостатоци, меѓу другите, и кај Државната изборна комисија и Управниот суд, кои беа последица на партиско-политички притисоци и етнички интереси, со што се занемари владеењето на правото.

Еве како изгледаше сликата на вчерашниот ден на гласање, според извештаите на набљудувачите на Цивил и телефонските јавувања на граѓан(к)ите.

Најголем број неправилности и тензии имаше при прегласувањето во општина Центар во Скопје. Нерегуларности и притисоци се регистрирани и на прегласувањето во општина Струга и гласањето во вториот круг во општина Долнени.

Цивил констатира дека при гласањето во Центар, уште еднаш се употреби демографска интервенција. На граѓаните дојдени за гласањето од Пустец, Албанија, овој пат им се придружија и ги засилија „нови гласачи“ од Велес, Струмица, Кавадарци, како и од  скопските општини Аеродром и Бутел. Според едно телефонско јавување, меѓу „увезените гласачи“ имало и одреден број Горанци од Косово кои, наводно, дошле организирано на гласање во општина Центар. Регистрирани се и гласачи на кои во личните документи не им е впишано местото на раѓање. Наместо тоа впишано е „ХХК“.

Во општина Центар забележани се низа „инвентивни“ обиди за дезинформирање на граѓаните со цел да не излезат на гласање. Флаери во кои се тврди дека прегласувањето е на 28 април и писма со фалсификуван потпис се дристрибуираа во голем број. Во текот на гласањето, истото се случуваше и пред неколку гласачки места, каде што партиски активисти ги убедуваа луѓето дека не се гласа дента или дека тоа не е нивното гласачко место, со цел да се внесе забуна и да се намали излезноста.

Според набљудувачите на Цивил и пријавите на нашите дежурни телефони, во неколку повеќекатници во општина Центар беа исклучувани лифтовите или намерно се заглавуваа вратите на најгорниот кат.

Забележливо беше зголеменото присуство на полицијата во сите општини каде вчера се гласаше.

Телевизиски екипи и новинари беа попречувани да ја вршат својата работа. Една новинарка била малтретирана и удрена од едно лице во избирачкото место 2855 во Дом на градежници, за што Цивил има документирана изјава.

Организиран превоз и агитирање се регистрира и во Житоше, општина Долнени, каде, исто така, се забележа големо присуство на полицијата. Пред гласачко место во с. Дебреште, општина Долнени, на полициско возило е монтирана камера, насочена кон влезот во гласачкото место.

Цивил – Центар за слобода доволно јасно и недвосмислено ги формулира своите извештаи, засновани на објективна и долготрајна опсервација на политичката ситуација во земјава, а со тоа и на изборниот процес. Оттука, нема да дозволиме нашите наоди и оценки на изборниот процес да бидат злоупотребени од било кој субјект, односно учесник во овие процеси. Впрочем, овде конечно мора да се каже јасно и гласно дека голем дел од нерегуларностите во овој изборен процес се генерирани токму од оние што располагаат со механизмите на институциите на власта, како на централно, така и на локално ниво.

Претходните извештаи за вчерашниот изборен ден можете да ги најдете на веб страната на Цивил: www.civil.org.mk

Цивил онлајн

Контакти

  • TEL: 02/5209176

E-MAIL: [email protected] | [email protected]

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish