На четириесетина дена пред изборите жешка е политичката клима во Македонија. Политичките партии ги прават изборните калкулации и анализи, со цел да го извлечат најдобриот кадровски потенцијал и најдобрите опции за коалицирање, со коишто ќе ги освојат симпатиите од електоратот. Но, предизборието во Македонија - земја со руинирана демократија, бележи притисоци, закани, се врши политички мобинг врз граѓан(к)ите, а од друга страна, очевидна е нервозата кај политичките функционери од власта.
Непримерното поведение на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов викендов, откри дел од злоупотребите на власта, манипулации, политички мобинг врз вработените, „обработка“ на фактите. Наместо руинираната слика за македонската општествено-политичка реалност на јавноста ѝ се нуди розовата призма на власта која жестоко се бори да ја зачува моќта.
Исчезнаа 40 печати на ДИК
Во пресрет на изборите исчезнаа 40-ина печати на Државната изборна комисија (ДИК) од магацинот во касарната „Илинден“ за општините: Сопиште, Брвеница, Бутел и Липково. Ова го открила комисијата на ДИК, којашто правела попис на избирачките материјали. Печатите ќе бидат заменети со нови и различни од претходните, соопшти ДИК и потенцираше дека недостигот на печатите не значи дека се тие украдени, туку дека има можност печатите да не биле вратени од последните избори.
ДИК го стави на увид и прочистениот Избирачки список. Во тек е пријавувањето за гласање на предвремените парламентарни избори во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство. Увидот и пријавувањето ќе трае до 11 ноември, а списокот ќе се заклучи на 21 ноември. Граѓан(к)ите може да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на ДИК и на интернет-страницата http://izbirackispisok.gov.mk.
Но, констатацијата за исчезнатите печати и пријавите на граѓан(к)ите за разни видови аномалии во единствениот Избирачки список, од типот на двојни адреси за еден гласач, присуство на активни граѓан(к)и на списокот на „фантоми“, евидентирање на гласачи на неточни адреси, според експертите не влеваат доверба во ДИК и уште сега ставаат сенка врз престојниот изборен процес. А, пржинскиот Договор и медијацијата на меѓународниот фактор беа со цел - фер и кредибилни избори, како клучен услов за излез од политичката криза.
„Унитети“ поднесе Иницијатива во Уставен суд за оспорување на изборите
Партијата Унитети на Гзим Острени поднесе Иницијатива до Уставниот суд, за оспорување на предвремените парламентани избори, поради според нив, неизбалансираноста на изборните единици, особено проблемот со Шестата изборна единица, којшто беше посочен од ДИК во многу наврати, но за којшто Министерството за правда и Собранието не покажаа интерес за решавање. Од Унитети се сепак децидни дека ќе учествуваат на изборите, и велат дека целта со Иницијативата е да докажат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ уште еднаш го крши Уставот и Изборниот законик, со тоа што оставија намерно во Шестата изборна единица да има огромни отстапувања во бројот на гласачите.
Медумскиот етер и натаму инфициран со владејачките вируси
Небалансирано известување, непочитување на законската регулатива, емитување информативни содржини кои што креираат јавно мислење, според кои, речиси и да нема разлика меѓу државата и партијата. Вака функционираат најголем дел медиуми кои сé уште не може да се излечат од „инфекциите со владини вируси“. Од друга страна, мал е бројот на медиуми кои сé уште храбро се борат да го задржат балансираниот пристап во информативниот процес. Ова е сликата за медиумски простор во ова предизборие.
Ад хок телото го анализираше Петтиот извештај за работата на 18 национални медиумски сервиси. Комисијата со три гласа „за“ и два „против“, предложи поведување прекршочни постапки против телевизиите: Сител, Алфа и Нова. А дека состојбите во медиумската сфера се очигледно полазирани потврда е и фактот, што два члена на ад хок телото, гласаа против овие предлози. Според нив, недоследно се применуваат: законот и Методологијата на Агенцијата за медиуми.
СЈО изложено на силни критики од Обвинителството
Надворешниот експерт обезбеден од производителот на опремата за следење на телекомуникации ги одзеде податоците од помошните сервери, согласно судската наредба, како што соопшти Специјалното Јавно обвинителство за гонење кривични дела, кои што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Експертот од „Ериксон“ се чекаше да пристигне повеќе од една недела, додека софтверот во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) беше под обезбедување и надзор на Министерството за внатрешни работи. Од СЈО велат дека податоците до кои дојдоа се клучни докази во необјавен случај за прислушувањето, којшто треба да открие кој незаконски ги следел комуникациите, односно, дали тоа го правела УБК или странски служби, како што обвини власта.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска како првоосомничена во случајот на СЈО„Тендери“ беше на распит во Кривичниот суд кај судија на претходна постапка.
Основниот суд Скопје 1 преку соопштение на веб страницата информираше дека Судот за сите свои одлуки во врска со повикување на сослушување на лица опфатени во истражни и предистражни предмети кои ги води СЈО, ќе информира преку соопштенија. Според Судот, со постапките на СЈО се прават спектакли и не се води сметка за пресумцијата на невиност и законитоста на постапките.
Јавните обвинители од Основното јавно обвинителство упатија отворено писмо до специјалната обвинителка Катица Јанева, најостро укажувајќи на незадоволството од постапувањето и како што велат „срамната непрофесионалност со која прави штета на јавно обвинителската професија“.
ЦИВИЛ -Центар за слобода изрази силна поддршка на СЈО, во процесот на откривање на сите кривични дела, со цел - враќање на владеењето на правото во државата.
Власта ветува нови работни места, додека граѓан(к)ите се жалат на партиски вработувања
Додека дел од Владините актери сеат магла врз проблемите со невработеноста, партиските вработувања и економската стагнација и го акцентираат позиционирањето на Македонија на листата од 10-те светски и петте европски економии за водење бизнис, според „Дуинг бизнис“, се погласни се реакциите на граѓан(к)ите-жртви на социјална корупција.
Пример за непримерно поведение неделава беше токму дополнителниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов кој со службено возило, предизвика две сообраќајни несреќи, удирајќи во две возила. Според МВР, тој избегал од местото на настанот, а потоа возач, вработен во МТСП, се појавил пред увидната екипа, како негово алиби, за да ја преземе одговорноста. Бура од реакции на социјалните мрежи предизвика овој инцидент на Спасов. Граѓан(к)ите упатуваат жестоки критики и бараат негова оставка.
Граѓан(к)ите имаат право и должност да учествуваат во креирање на своето општество. Ова се и препораките на ЦИВИЛ-Центар за слобода, согласно со Граѓанската повелба, промовирана на меѓународната конференција „Глобални перспективи“ што се одржа во Берлин, а чиј потписник е ЦИВИЛ, во редот на 50-те организации од светот.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: English