Орданоски: Меѓународната заедница има клучна улога во македонската криза

Д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и експерт при ЦИВИЛ – Центар за слобода, во оваа анализа говори за улогата на меѓународната заедница во решавањето на македонската политичка криза. 

Светот е во хаос. Тој хаос е глобален, идеолошки, економски, политички, воен... И во тој глобален хаос, Македонија е едно многу мало делче, на некаков заборавен регион којшто се вика Балкан, во некакви состојби коишто се на перифериите на големите случувања. Тоа им дава можност на овие ‘нашиве’ да имаат поголем маневарски простор, отколку што би го имале, кога светот не би бил во овој степен на хаос. Тоа е од едната страна.

Од другата страна е фактот дека меѓународната заедница е соучесник во хаосот во Македонија. Значи нашето не би рекол проклетство, би го нарекол и предност дека меѓународната заедница колку што е соучесник, толку е и клучниот дел за излезот од хаосот. Сега играме на таа карта, дека меѓународната заедница мора да помогне, за да се извлечеме од овој хаос. И таа, тоа го прави дури се уште  на одреден, хаотичен начин.

Погледнете го однесувањето на Јоханес Хан. Тој се уште предзвикува недоумици, се уште прави нејасни потези, се уште нема јасна политика за тоа што треба да го направи. Па, дури јас би одел до таму, да кажам дека можеби интервенцијата на германската надворешна политика со поставувањето на специјален пратеник во Македонија, беше повеќе напор да се исклучи Хан од играта, отколку тој германски пратеник, суштински нешто да направи овде. Бидејќи во еден момент, мислам дека беа проценките дека ако Европската комисија преку Хан продолжи да ја шири таа, една релативна хаотична ситуација во Македонија, дека ќе дојдеме до точка од која што не ќе може да се поправат работите со многу поскапи и компликувани интервенции. Мислам дека дури затоа Германците се вмешаа и рекоа: „Добро г-дин Хан, ние сега имаме специјален пратеник, Вие сега малку тргнете се“.

ordanoski-c

д-р Сашо Орданоски

Од таа точка натаму, Американците влегоа многу порешително во целата работа и успеаја да направат еден меѓународен фронт, којшто има една базична точка од која никој не се повлекува, а тоа е  улогата на СЈО!

На меѓународната заедница и е јасно дека во борбата помеѓу правната и политичката држава во Македонија, мора правната држава да ја однесе победата, за да може да опстане политичката држава. И како што гледате сега и повторно пред некој ден, повторно од сите унисона е пораката: „Катица Јанева и СЈО да се остават без опструкции. Немојте да им пречите, а по изборите ќе им го продолжиме и мандатот, ќе им го дигнеме и капацитетот, бидејќи тоа е точката на пресвртница, која што треба да дојде во Македонија“.

И во таа смисла јас никогаш сум немал илузија околу тоа, што прават странците во Македонија. Најголем дел од нив се добронамерни, но не е секогаш добронамерноста формулата според која може да се дојде до некаков продуктивен исход и успех. Бидејќи ако сте добронамерен, но недоволно посветен, ако сте добронамерен, но истовремено изманипулиран, вие можете да правите и штети. Факт е дека во денешна Европа на политичко ниво, на партиско ниво, поважно е да бидете член на европските конзервативци, отколку да слушате што ви вели Европската комисија. И тоа ВМРО-ДПМНЕ успешно го сфати, а при тоа тие имаат само една ситуација со којашто немаат проблем. Тоа се парите. Додуша со нашите пари, но располагаат со такви фондови, со коишто не им е проблем да прават кампањи, да прават лобирања, да прават подмитувања и далеку зад границите на Македонија. И тие тоа го прават. Денеска вие реално можете да купите, квалитетни совети, квалитетна поддршка доколку имате доволно пари. А, нивните пари се неограничени, бидејќи тие кога сакаат прават ребаланс на Буџетот на Македонија. И со нови 100 милиони само ќе не дотолчат во дупката во којашто сме, а подолу, пари коишто тие ќе ги потрошат на кој знае каков начин.