Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ ги урниса сите стандарди на политичкото дејствување!

За дебатата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, една од серијата дебати „Македонија: со или без слобода“ - дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе четири месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања со политичарите Петре Шилегов (СДСМ), Павле Трајанов (Демократски сојуз), Стојанче Ангелов (Достоинство) и Беким Фазлиу (ДПА).

ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните предизвици во изборниот процес во Република Македонија?

ШИЛЕГОВ: На претстојните избори Република Македонија е всушност, со предизвик, по еден долг период или по неколку изборни циклуси, да организира навистина слободни, фер и демократски избори. Сведоци сте и вие и јавноста дека неколкуте изборни циклуси, особено од 2011 година, беа сé, освен слободни, фер и демократски, за што всушност, е покрената постапка против раководството на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за злосторничко здружение заради изборна измама. Во изминатиот период напорно работевме како Социјалдемократски сојуз, да овозможиме да бидат обезбедени колку-толку минимум услов, кои ќе овозможат тој изборен процес што е веќе започнат, да биде беспрекорен и во едни нормални европски, демократски, цивилизациски стандарди. За нас е императив изборите коишто претстојат, да бидат токму такви и да бидат организирани токму по тие критериуми.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се коруптивните елементи кои ги користат политичките субјекти во своите кампањи?

ШИЛЕГОВ: Изборната корупција во зависност од тоа како ја гледате, или колку широко ја гледате, има повеќе аспекти. Од оној најсуровиот начин, кога дневно или денот пред избори има плаќање, што со парични средства, што со материјални добра, брашно, зејтин, се злоупотребува тешката социјална позиција на граѓаните на Република Македонија. Да не заборавиме дека има 180.000 граѓани во Република Македонија кои живеат со 22 денари дневно. Тоа е класичен, суров начин на корупција. Меѓутоа, ако го гледате поширокиот аспект на корупцијата, тогаш не може а да не се земе предвид и партиското вработување, затоа што и тоа е определен начин на корумпирање на граѓаните. Во Македонија за жал, владејачката структура го воведе партискиот клиентелизам како начин на функционирање и во државата и во општеството. Тие луѓе се ставени во секојдневни предизвици да одговорат на барањата на шефовите, на барањата на нивните претпоставени, со цел да исполнат определени цензуси кои што им се зацртани, а за сметка на тоа да го добијат или зачуваат своето работно место. Не можете да не го гледате и тоа како определен начин на корупција.

ЦИВИЛ Медиа: Како да се спречи политичката корупција во изборниот процес?

ШИЛЕГОВ: Многу свест и совест ќе биде потребно во нашето општество да се создаде. Имавме еден добар процес до 2005-2006 година, кога Република Македонија ги исполни стандардите и всушност, го доби статусот на земја-кандидат за членство во Европската унија. Потоа, ни се случи оваа државна, политичка, општествена непогода наречена ВМРО-ДПМНЕ, која во целост ги урниса сите стандарди на политичкото дејствување во Република Македонија! Оттука, автоматски значи дека и политичката и општествената криза во Република Македонија, може да заврши по падот на Никола Груевски, на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорните луѓе, одговорните политички структури, меѓу кои е СДСМ, меѓутоа и добар дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не веруваме и не сакаме да веруваме дека целокупното членство е од криминоген карактер како што е раководството, ќе треба напорно да работиме во периодот што претстои, да ги залечуваме раните од груевизмот. Самото залечување на раните од груевизмот  всушност, ќе ја внесе државата во еден политички процес каде што изборите ќе бидат само еден ден на натпревар помеѓу политички идеи каде луѓето ќе можат слободно да одлучуваат за кого ќе го дадат својот глас за тоа кој треба да ја води државата во едни сосема нормални, регуларни, да не кажам, здодевни процеси кои што се случуваат секојдневно.

Маја Ивановска

Камера: Атанас Петровски


Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, преку концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: Albanian