Испишани политички пораки врз штабовите на „непријателските“ партии, искршени прозорци, демолирани канцеларии, уништен инвентар, оштетени билборди..., се само дел од настаните кои го одблежаа почетокот на изборната кампања, а се забележани од активистите на ЦИВИЛ.
Како последен од низата инциденти е вандализмот врз изборниот штаб на НСДП во населбата Аеродром, во трговскиот центар „Бисер“. Инцидентот во кој вандалите ги чкртале прозорците и ѕидот, се случил во вторникот, а сторителите се засега непознати.
„Имајќи предвид дека овој вандалски чин се случи непосредно по завршувањето на големиот предизборен митинг на здружената опозиција, како и од самата содржина на пораките, очигледно е дека станува збор за политички мотивиран настан кој зборува за паниката и нервозата во владејачката партија од резултатите на претстојните избори“, се вели во соопштението на партијата, која инцидентот го пријавила во МВР.
Евидентиран е вандализам и врз два штаба на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино - во период од 24 часа, испишани се пораки со политичка содржина врз прозорците.
Оштетен, односно, посипан со црна боја е централниот банер на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Струмица. Од партијата обвинуваат за индиферентност на полицијата и бараат одговорност од техничкиот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Демолиран е штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во Месниот комитет „Задругар“. Демолирањето се случило на два пати, ноќта на 18-ти ноември во 22 часот, како и утрото во 9 часот, од непознати сторители, кои ги оштетиле прозорците и дел од инвентарот во штабот. Андон Лазаров, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, на прес-конференција им порача на вандалите дека не се плашат од вакви потези и според него, доаѓа време кога самите граѓани ќе ги казнуваат деструкциите и насилството. Случајот е пријавен во полиција и се работи на негово расчистување.
Од возило во движење, на 7-ми ноември, во скопско Арачиново, непознати лица фрлиле предмети кон прозорците и притоа, оштетиле четири прозорци на партискиот штаб на СДСМ во Арачиново. Инцидентот е пријавен во полиција од И. Ф., сопственик на куќата во која се наоѓа штабот. Според полицискиот извештај, настанот се случил утрото околу 5 часот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.
Ивана Талеска