Поради алармантното загадување на воздухот и пасивноста на локалната и централната власт, во организација на здружението „За нас се работи“ граѓан(к)ите на Битола, ќе го блокираат патниот правец кон Новаци, односно кон РЕК „Битола“, три дена по ред, почнувајќи од четврток, први декември, од 15 до 17 часот.
Под мотото „Битола се задушува, Битола умира!“, иницијаторите на граѓанскиот протест, од здружението „За нас се работи“, ултимативно бараат од Општината и од Владата, итни мерки за решавање на проблемот што ги засега сите битолчани: субвенционирање на електричната енергија до спроведување на гасификацијата и спроведување режим на сообраќај во централното градско подрачје. Ако барањата не им бидат исполнети, иницијаторите најавуваат радикализација на протестите и целосна блокада на патот кој води кон РЕК „Битола“.
„Во изминатите години и протестиравме, и меморандуми потпишувавме, и зборувавме со политички партии и со носители на одлуки, но резултат за аедрозагадувањето во Битола - нема. Како израз на краен револт, тоа што можеме ние граѓаните да направиме е токму - блокирањето на патниот правец Битола - РЕК. Ова е во корист на граѓаните, на нас, коишто живееме во Битола и коишто постојано се задушуваме“, изјави за медиумите, Илија Балтовски од „За нас се работи“.
На прашањето за можноста - поради тајмингот во ќе се одвиваат протестите, ден по пропагандната акција на власта - „Ден на дрвото“ и среде предизборна кампања -иницијаторите да бидат обвинети за политизација, Балтовски во медиумите одговори дека има само еден приоритет за битолчани: „Ако на политичарите им се приоритет изборите, нам, на граѓаните, приоритет ни е животот! Нас не интересира да се спроведат мерките што побрзо, затоа што нема повеќе каде, сите сме притиснати до ѕид!“
Оваа вест е достапна и на: Albanian