На денешната прес-конференција на ЦИВИЛ - Центар за слобода официјално беше означен почетокот на двата медиумски проекта, информативните портали на ЦИВИЛ Медиа: www.civilmedia.mk и www.civilalb.info, со поддршка од „Цивика Мобилитас“ и од донаторите на сите проекти што ги реализира ЦИВИЛ.
Уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ промовирајќи ги двата портала, потенцираше дека новинарите мора да се обидат да ја поправат ситуацијата во медиумската сфера и во журнализмот во Македонија, којшто, според него, е на катастрофално ниско ниво:
„Почитувани колеги и јас да ви посакам добредојде. Денес имам особено задоволство и голема чест, да промовирам нешто што го работиме со години наназад, обидувајќи се да ја спасиме честа на нашата професија, на една професија која е многу убава, но, која за жал, во Македонија е фрлена на најниско можно дереџе во последниве 26 години.
Како организациона, работна единица на НВО ЦИВИЛ – Центар за слобода, ЦИВИЛ Медиа постои од март 2009 година, и за сето тоа време, се обидува да влијае на ситуацијата околу слободата на изразувањето во Македонија, околу слободата на јавно изречениот збор и слободата на медиумите. Во овие речиси осум години, се продуцирани илјадници содржини, а од летото 2015-та, на нашата страница civil.org.mk, една мала екипа, мешовита, составена од активисти и млади новинари, со поддршка на двајца-тројца поискусни професионалци, досега продуцираше и пласираше околу 5.000 медиумски содржини, текстови, видео содржини и фото галерии. Таа мала екипа, во овие две години, ја изврши задачата, со гордост ќе кажам, многу над моите очекувања. И, таа екипа, треба да се гордее со тоа што го направи, особено поради тоа што се трудевме да ја задржиме рационалноста, балансираноста и објективноста, ако е тоа воопшто моажно во ова лудо време во коешто живееме, и да не бидеме конкуренција, туку ако можеме - помош на колегите во комерцијалните медиуми. Токму затоа и бевме потписник на лиценцата Креатив Комонс (Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License), која им овозможуваше на сите медиуми да ги користат сите содржини објавени на civil.org.mk, јасно со цитирање на изворот. Ние во тоа ги охрабруваме колегите и баравме од новинарите во нивните медиуми да ги користат и пренесуваат деловите од нашите содржини или интегрално.
Таа веб страница веќе од понеделник останува само организационен сајт на НВО ЦИВИЛ – Центар за слобода, на кој и понатаму ќе бидат објавувани соопштенијата на организацијата, и најавувани сите активности од сите проекти кои ЦИВИЛ го спроведува низ Македонија. Значи таму, и понатаму ќе бидат пласирани сите содржини, поврзани со работата на ЦИВИЛ.
Но, покрај тројазичната страница civil.org.mk, на која ги објавува(в)ме нашите продукции, на македонски, албански и англиски јазик, ние во овие две години, паралелно, ги одржувавме и страниците civilmedia.mk, civilalb.info и civil.today, секоја на по еден јазик. Првите две страници, веќе од понеделник ќе бидат новите информативни портали на ЦИВИЛ Медиа, сродни медиумски проекти, со речиси истоветни медиумски продукции на македонски јазик и преведени и на албански јазик, со идеја и со стратегија, двата портала, во догледно време да прераснат во медиуми на македонски и на албански јазик, на кои ќе се објавуваат оригинални продукции на двата јазика.
Екипата и понатаму останува мала, но се надеваме дека објавените содржини ќе ги привлечат и останатите новинари кои имаат желба за соработка, да создаваат теми, сега веќе за civilmedia.mk и за civilalb.info. Овој пат лиценцата ќе биде Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 1.0 International License, што значи дека и понатаму сите медиуми ќе можат слободно да ги пренесуваат нашите содржи со соодветно атрибуирање или кога се во прашање порталите, со хиперлинкови до оригиналниот текст. Ние нема да им бидеме конкуренција на постоечките комерцијални онлајн медиуми, туку наместо компетитивност, како и досега, ќе понудиме комплементарност и кооперативност. И понатаму ќе нудиме се оша што ќе го продуцираме, работејќи чесно, балансирано и објективно, да биде преземено од сите кои имаат интерес за тоа.
Генерално, и понатаму ќе се залагаме и бориме за враќање на Македонија во редот на цивилизираните држави во светот во кои постои слободата на изразување, во кои постои јавно соопштување на слободната мисла, и на крајот на краиштата, во кои постојат слободни медиуми, кави се надеваме, ќе бидат и нашите два информативни портала, кои веќе од понеделник ќе им бидат достапни на граѓанките и граѓаните во македонскиот медиумски простор. Новите портали ќе бидат поразлични од досегашната наша страница, која главно ги „покриваше“ темите од сферата на заштита на човековите права, мониторингот на сите видови избори, социјалната правда, синдикализмот, разоружувањето и борбата против сите видови насилство и заштитата на сите маргинализирани групи и поединци... Двата портала ќе ги обработуваат темите од политичкиот и општествениот живот во Македонија, од културата и ангажираната уметност, и секако, ќе бидат слободна зона, отворен полигон за сите луѓе кои знаат и умеат, кои имаат храброст и сакаат да го изнесат својот став, за како опинионмејкери, колумнисти и аналитичари, да и помогнат на средината во која живеат, на заедницата и на државата... Сите кои сакаат да понудат нешто ново, некоја промена која ќе не извлече од ова дно на кое не потиснаа, ќе бидат добредојдени!
И, секако, за сите наши читатели и гледачи, кои секојдневно ја посетуваа страницата civil.org.mk, ги повикувам веќе од денес, повторно секојдневно да бидат наши соработници и да ги посетуваат двата „нови“ наши портала civilmedia.mk и civilalb.info! Како и сите други наши медиумски производи како greencivil.mk, посветен на социјалната правда и екологијата, clp.mk, посветен на граѓанското новинарство и на граѓанските новинари, и freedom.mk, посветен на културата и ангажираната уметност, кои, секој на свој начин, покриваат по еден дел од медиумското живеење во Македонија“.