Драги пријателчиња од цела Македонија,
Во рамки на проектот „Сите бои на мојата земја“, на тема „Човекови права, мир и толеранција“, Цивил објави конкурс за ликовни и литературни творби.
Конкурсот е отворен за деца на возраст од 10 до 14 год. и млади од 15 до 18 год. Учесниците на конкурсот можат да се натпреваруваат во повеќе категории на ликовниот, односно графичкиот израз и пишаниот збор.
Поради крајот на школската година и екстерните полагања, на ваше барање, рокот за испраќање на творбите е продолжен до 1 јули, 17 часот.
Покрај предлогот за продолжување на рокот, на нашата адреса стигнаа најразлични предлози и многу прашања. Имаше дилема околу тоа дали творбите треба да се пишуваат само на македонски јазик, или пак може да се твори и на албански, англиски или некој друг јазик. Добивме прашање дали можеда се учествува со фотографии. Имаше прашања и за тоа дали прифаќаме компјутерска графика и дизајн. Одговорот е позитивен на сите овие прашања.
Потсетуваме декa пристигнатите трудови ќе претставуваат квалификација за летната школа за креативно изразување која ќе се одржи кон крајот, односно последната недела од месец јули годинава, во некое од летните одморалишта на Охридското езеро.
Најуспешните трудови кои ќе се создадат за време на ова работно и креативно летување ќе бидат наградени, додека одбрани трудови од конкурсот ќе се користат во текот на проектот како основа за кампања за јакнење на јавната свест.
Форматот, изразот и бројот на творбите не е ограничен. Што значи, и оние кои веќе испратиле, може слободно и понатаму, да конкурираат со уште повеќе творби.Секако, имајте предвид дека тие што ќе бидат поканети на летната креативна школа ќе работат со боички, бои, четка и други материјали, а не само со компјутер и апарат.
Цивил ве охрабрува да учествувате со своите творби без никакво стеснување и дилеми околу материјалите и техниките на креирање. Нам, драги другарчиња, ни е многу важно да се чувствувате убаво додека креирате.
Големо е задоволството да работиме сите заедно, од целата наша држава. Додека родителите нé охрабруваат за ваквиот тип на едукација, децата и младите секојдневно ни ја потврдуваат потребата од дружење и творење .
Да ги пренесеме заедно пораките за мир, љубов, толеранција, солидарност!
Да ги насликаме, опееме и раскажеме нашите најубави приказни!
Заедно, низ „Сите бои на мојата земја“.
Анушка Цветковска