Човековите права и слободи како стандарди мора да се почитуваат и да се содржани во сите сфери на секојдневното човеково живеење во државата и таа треба да ги промовира и гарантира како нејзина основна обврска кон граѓаните. Државата е должна да обезбеди инструменти и механизми за нивна заштита, особено онаму каде што се најосетливи и најподложни на повреди.
Граѓанската повелба како глобална рамка за промоција на човековите права и слободи ги одразува универзално прифатените човекови права, слободи и начела, меѓу кои е и начелото за средина што овозможува. Според ова начело секоја влада усвојува законски, административни и други мерки за почитување, заштита, промовирање и исполнување на правата и слободите наведени во Повелбата и истражува напади врз поединци и организации со цел осомничените сторители да одговараат во согласност со меѓународните стандарди за правичност.
За непочитувањето на ова начело во Македонија, говорат многубројните ситуации и обиди да се попречат активностите на ЦИВИЛ на терен.
Па така, во 2016 тогашниот градоначалник на општина Кратово негативно одговори на барањето на ЦИВИЛ за поставување на инфо-штанд во центарот на Кратово, со образложение дека половина од јавната површина е зафатена со летни тераси, а останатиот дел е во функција на слободно движење на граѓаните. Со други зборови, поедноставено, во Кратово нема место за ЦИВИЛ.
Во 2015, пак, градоначалникот на Битола, Владо Талевски, му забрани на ЦИВИЛ да одржи настан во рамките на Иницијативата „Социјална правда сега!“, уредно најавен во јавноста, како и во битолската полиција. Образложението на Талевски не можеше да биде поевтино. Наводно, просторот е зафатен од Битфест, кој започнува на 25 јуни. Тимот на ЦИВИЛ ги посети двете локации за кои побара дозвола за одржување на настанот во рамките на Иницијативата „Социјална правда сега!“.
Во 2013 година тогашниот министер за образование, Спиро Ристевски забрани одржување на креативни работилници во училиштата низ земјата за едукација на деца и млади како дел од проект на ЦИВИЛ.
Овие примери се само мал дел од препреките со кои ЦИВИЛ секојдневно се соочува со години наназад и претставуваат грубо кршење на едно од начелата на Граѓанската повелба која ЦИВИЛ продложува интензивно да ја промовира во јавноста.
М.И.