Гласните ЦИВИЛи се сретнаа со новиот состав на ДИК

Претставници на ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска одржаа состанок со претседателот Оливер Деркоски и поголем дел од членовите на Државната изборна комисија.На средбата, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, ги презентираше досегашните наоди на тимовите на ЦИВИЛ од теренот. Воедно, беа презентирани и наодите за проблемите во Избирачкиот список.

Заедничка беше констатацијата дека критичкиот тон со кој се одликува ЦИВИЛ, сепак, придонесува кон корекција на процесите. ЦИВИЛите навестија дека ќе останат гласни и бескомпромисни и во иднина, што беше поздравено од претседателот Деркоски и другите членови на ДИК.

Претседателот Деркоски ја истакна определбата на сите членови на ДИК да ја остават политиката дома и да спроведат што е можно подобар референдумски процес. Нивниот мандат, според измените во Изборниот законик, завршува на 15 јануари.

Земајќи ги предвид бројните укажувања на ДИК за трошењето на јавните пари и луксузирањето на претходниот состав на оваа институција, Деркоски го информира ЦИВИЛ дека во самиот старт се направени значителни заштеди и дека овој состав на ДИК е цврсто решен да работи рационално и штедливо, без бонуси и без луксузирање.

На состанокот се посвети квалитетно време да се проговори за „фантомите“ - назив што го воведе ЦИВИЛ за време на локалните избори во 2013 година. Беше нагласен проблемот и дека некои гласачи не можат да се најдат на Избирачкиот список и низа други проблеми што се провлекуваат со децении наназад. За сознанијата, позициите и ингеренциите на ДИК и понатаму ќе се работи во ЦИВИЛ, од денеска и во поблиска комуникација со оваа институција, за што јавноста ќе биде информирана редовно и во детали.

Понатаму, на состанокот меѓу ЦИВИЛ и ДИК се говореше и за обуките на членовите на Општинските изборни комисии и Избирачките одбори, за финансирањето на кампањите, гласањето на дијаспората и низа други аспекти од делокругот на ДИК.

ЦИВИЛ ги соопшти и своите планови и накратко ги презентираше методологиите на мониторингот на референдумот, на што наидоа на разбирање од членовите на ДИК.

Двете страни констатираа дека овој состанок со многу податоци и ставови, што траеше 68 минути, ветува подобрување и интензивирање на комуникацијата меѓу ЦИВИЛ и ДИК,

Маја Ивановска

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish