Прес конференција на Цивил
Центар за слобода (Клуб ГЕМ, 26.11.2013)
Цивил одржа прес конференција на која се изнесоа информации за работата во рамки на проектот „Избери демократија!“ посветен на јакнење на јавната свест за човековите права и слободи, солидарноста и толеранцијата. На пресот, Џабир Дерала говореше за состојбата на човековите права и дискриминацијата во земјата.
Оценката за состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија е лоша. Општата состојба во земјата е влошена и поради политичките тензии и кризи, зачестеното етнички мотивирано насилство и острите поделби во општеството. Овие согледувања се основа за проектот „Избери демократија!“ – проект посветен на јакнење на јавната свест за човековите права и слободи, солидарноста и толеранцијата, како и јакнење на граѓанскиот активизам во земјата.
Тимот на Цивил – Центар за слобода и Работните групи за човекови права, солидарност и толеранција (РГЧП) кои Цивил ги формира во рамки на проектот „Избери демократија!“ бележат бројни случаи различни видови на кршење на човековите права и слободи. Фрапантно распространета е дискриминацијата, а таа најчесто доаѓа како последица од дискриминаторските практики на институциите или на поединци во нив.
Цивил презентира само неколку вида повреди на човековите права и слободи, однсоно дискриминација од далеку подолгата листа на случаи со кои располага организацијата и за кои постојано добива нови податоци и стории од целата земја.
Цивил ги охрабрува граѓан(к)ите на Република Македонија да продолжат да ги пријавуваат сите, па и најмали повреди на нивните права и сите случаи на дискриминација, гарантирајќи ја анонимноста на изворите на информација.
Според Цивил, веќе подолго време, дискриминацијата врз основа на политичка афилијација го отежнува безмалку секој аспект на животот на луѓето. Забележани се и бројни случаи на притисоци и дискриминација врз граѓан(к)и кои не членуваат во ниедна партија.
Освен што луѓето се принудени да се зачленуваат во политичка партија, тие се ставени во ситуација да мораат да го зачленуваат и целото семејство, роднините и пријателите. Овој вид дискриминација е најзабележлив во доменот на работните односи и тоа најмногу во редовите на администрацијата на локално и централно ниво, но е силно присутно и во приватниот сектор.
Исто така, дискриминација по основ на политичка афилијација е забележлива и во многу други сегменти на општеството, односно сфери на јавните услуги (образование, здравство, комунални услуги итн.), како и во секојдневието на луѓето, на улица, на јавни места итн.
Етничката дискриминација продолжува да биде една од најраспространетите појави во Македонија. Се бележат голем број случаи на етничка дискриминација како во комуникацијата граѓани-институции, така и во доменот на меѓучовечките односи. Етничка дискриминација се забележува во процесот на образованието, вработувањето, спортот, комуналните услуги, судската пракса итн.
Говорот на омраза е присутен во сите пори на општеството, почнувајќи од медиумите, завршувајќи со суптилните и не секогаш толку суптилни политики и практики на институциите на локално и централно ниво.
Повредата на социјалните права на граѓан(к)ите е секојдневна и масовна. Правата на работниците се практично непостоечки. Во оваа сфера постојат бројни пријави на ускратување или ограничување на социјалните права на многу лица. Мотивите за тоа се различни и често се совпаѓаат со претходните две категории на повреди (дискриминација врз основа на политичка афилијација и етничка припадност). Многумина во земјава се соочени со ускратување или намалување на социјалната помош. Луѓе со сериозни здравствени проблеми или инвалидитет стекнат на работното место се фрлени во беда и немаштија, без никаква заштита и финансиска помош. Постојат низа случаи во кои би било сосема нормално овие луѓе да добијат големи суми на отштета и доживотна поддршка, но наместо тоа, тие се дополнително казнети за својата трагедија. Дискриминацијата по родова основа во работните односи е подеднакво забележлива.
Постојат податоци за повреда на правото на образование, особено кај социјално загрозените категории или лица со посебни потреби. Понатаму, забележлива е и дискриминација на сиромашните ученици, како и на оние со различна етничка припадност
Слободата на говорот е во слободен пад. Покрај очигледните примери за кршење на правото на слободата на говорот, забележлив е сé поизразениот страв кај општата популација да го искаже сопственото мислење. Нашите соработници на проектот, активистите и членовите на РГЧП, без исклучок, јавуваат за широко распространет страв да се критикува или коментира владата или функционери на владата, односно партиите на власт на локално или централно ниво. Слободата на медиумите е посебен проблем за кој континуирано алармираме.
Правото на здравствена заштита е загрозено по низа основи, почнувајќи од дискриминаторски практики на ниво на комуникација пациенти-здравствени работници, завршувајќи со политиките и практиките на Министерството за здравство и Фондот за здравство кои во голем број случаи го ограничуваат или ускратуваат правото на лекување на различни категории болни, како и по основ на социјален статус, етничка припадност, политичка афилијација итн. Регистрирани се и неколку позитивни примери кои само потврдуваат дека состојбите можат да бидат подобри, без оглед на тоа во какви услови работат здравствените установи.
Јавноста веќе е алармирана за грубото кршење на правата врз основа на сексуалната ориентација. Дискриминацијата на институционално ниво доведе до охрабрување на насилството и широко распространета дискриминација врз ЛГБТ заедницата.
Забележани се и голем број случаи на притисоци и закани врз активисти на граѓанското општество, особено оние кои се занимаваат со човекови права и слободи.
Оваа кратка селекција на видови кршење на човековите права и слободи не е исцрпена овде. Не помалку распространети се повредите на правата и дискриминацијата врз основа на родова припадност, возраст, право на домување, право на здрава животна средина итн.
Понатаму, се крши правото за еднаков пристап до правда, додека судството применува драконски казни со селективен пристап. Стана очигледно дека мерката притвор се користи како казна за оние што размислуваат и говорат поинаку.
„Македонија денес е земја со политички затвореници, меѓу кои има и двајва новинари“ – изјави Дерала.
Цивил на прес конференцијата упати апел до сите граѓан(к)и да соработуваат со проектот. Сериозноста на проблемите со човековите права и слободи и нивната распространетост не смее да ги обесхрабри граѓан(к)ите на нашата земја да преземат нешто во врска со своите права и слободи. Тие треба да проговорат за своите проблеми, да се охрабрат меѓусебно и солидарно да настапуваат во комуникација со граѓанските организации и со јавноста. „Човековите права на еден, се човекови права на сите“ – заврши Дерала.
Контакти на ЦИВИЛ:
02/5209176
повеќе фотографии од прес конференцијата тука