Цивил – Центар за слобода упатува сочувство за неутешните родители на Тамара. Бараме итна оставка на министерот Тодоров и сите неодговорни лица во неговото министерствo и во Фондот за здравствено осигурување. Воедно, бараме и нивна кривична одговорност!
„Државата ќе го плати лекувањето на Тамара во странство“, вети на 21 ноември минатата година министерот за здравство Никола Тодоров. И излажа!
Таквото неодговорно однесување, за жал, не е реткост во македонската политика, особено не меѓу носители на високите државни функции. И за жал, македонската јавност, одамна отрпната на човечки страдања, како да е веќе свикната политичарите да се служат и со измами за да ги задржат функциите. Сепак, смртта на едно деветгодишно дете не може да помине без повикување и поднесување одговорност! И без јасно лоцирање на виновниците. Со име и со презиме.
За моралната одговорост и за неминовноста за поднесување оставка на ресорникот министер Никола Тодоров, не треба воопшто да се трошат зборови. Тоа останува на неговата чест, достоинство и домашно воспитување. Ако министерот не чувствува одговорност, на потег е премиерот Никола Груевски, кој треба да го разреши од функцијата. А, дали има место и за кривична одговорност на министерот или на одделни одговорни лица во Министерството и во Фондот за здравство, треба да се изјаснат правните експерти.
Но, основно е прашањето како да се сопре безумието? Како, во осакатеното македонско јавно здравство, кое со години го девастираат налудничавите експерименти на некадарни решенија од кадровските партиски вртелешки, за да дојде до дереџе – да се загуби детски живот за ненавремено исплаќање на 30.000 евра - да се врати разумот, одговорноста, чувствителноста...
Револтот на граѓаните кој експлодираше на социјалните мрежи, поради лажните надежи кои ги влеа министерот Тодоров и поради бирократските сопки кои неспособната администрација, им ги поставуваше на родителите на несреќното девојче - треба да е последен крик за отрезнување. И за сепнување од тркалањето кон амбисот.
Цивил – Центар за слобода упатува сочувство за неутешните родители на Тамара. Бараме итна оставка на министерот Тодоров и сите неодговорни лица во неговото министерствo и во Фондот за здравствено осигурување. Воедно, бараме и нивна кривична одговорност!