ЦИВИЛ – Центар за слобода спроведува долгорочен мониторинг на политичките процеси и состојбата на човековите права и слободи. Во рамките на проектот Моето гласачко право, ЦИВИЛ спроведе истражување преку фокус групи и онлајн прашалник. Во следната фаза ќе се подготват и индивидуализирани интервјуа со претставници од засегнатите страни и актери во сферите на изборните процеси и човековите права.
Тимот на ЦИВИЛ подготви и анализа на политичките состојби во Република Македонија од периодот пред локалните избори во 2013 година до денес.
Од истражувањето и од анализата, општ заклучок е дека Македонија е во состојба на континуирана политичка криза, проследена со агресивна пропаганда, човековите права и слободи се загрозени, а изборните процеси во 2013 и 2014 година се нелегитимни и нивната законитост е под голем знак на прашање.
Тешка состојба на човековите права и слободи
Забележливо е рапидно влошување и континуирано кршење на човековите права и слободи од страна на институциите на државата и локалните власти. Наспроти изразената медиумска активност, владата и владините гласноговорници не успеваат да ја скријат отворената дискриминација и кршењето на човековите права по низа основи.
Дискриминацијата врз основа на политичката определба се бележи во секој сегмент од животот на луѓето, додека функционирањето на јавните, локалните или државните институции се сведува на следење на партиски инструкции со цел да се одржуваат позициите и рејтингот на владејачките партии.
Вработувањето, јавните услуги, социјалната и здравствената заштита, образованието, културата, субвенциите во земјоделието, туризмот и низа други области во кои институциите на државата или на локалната самоуправа имаат учество или водат политики – се спроведуваат според политичката припадност и искажаната лојалност на граѓанките и граѓаните кон партиите на власт.
Дискриминаторските политики по низа основи се озаконети во парламентот, преку носење закони и регулативи кои често се во спротивност на Уставот на Република Македонија. Самите уставни промени се спроведоа во експресна постапка и без поширок општествен консензус и тоа во парламент во кој не учествуа опозицијата. Уставниот суд најчесто молчи и оддава слика на уште една институција ставена под контрола.
Кршењето на човековите права и дискриминацијата се регистрирани и во низа други области, а особено е загрижувачка состојбата на социјалните и работничките права. Во таа смисла, правото на образование, домување, адекватен стандард на живот и други права се само декларативни заложби на институциите и владата, додека во реалноста се бележи стрмоглав пад на квалитетот на животот. Работничките права се практично непостоечки. Односот кон работниците е под секакво достоинство на човекот, пред сѐ, во приватниот сектор. Сериозно кршење на работничките права се бележи и во јавната администрација каде вработените се држат под цврста контрола и под континуиран притисок од партиите на власт.
Дискриминацијата по етничка и верска основа, род, социјален статус и сексуална ориентација остануваат сериозни проблеми на македонското општество, состојби за кои се одговорни токму институциите на национално и локално ниво.
Односот кон слободата на изразувањето и медиумите ги надминува границите на разумното однесување и сведочи за манирите на автократско владеење во земјата. Власта воспостави речиси целосна контрола врз медиумите преку долгодишните неуморни и прескапи кампањи, како и преку сомнителните сопственички мрежи.
Состојбата на медиумите најдрастично се отсликува во работата на јавниот сервис МРТВ. Уредувачката политика на јавниот сервис ги премина сите граници на прифатливото и веќе не се разликува од онаа на ТВ Бастилја од времето на Слободан Милошевиќ во Србија.
Комисијата за лустрација која се стекна и со меѓународно реноме на институција која служи за пресметување со неистомисленици, деновиве на својата листа на успеси го додаде и името на познатата новинарка и уредничка во независниот политички неделник Фокус, Јадранка Костова.
Република Македонија е и земја на политички затвореници. Меѓу нив, до неодамна беше и новинарот Томислав Кежаровски, кој беше затворен две години, виновен за тоа што ја вршел својата новинарска работа. Начинот и времето на затворањето на новинарот Кежаровски се совпаѓа со неговото новинарско истражување на сомнителната погибија на Никола Младенов, основач и уредник на неделникот Фокус, за време на локалните избори во 2013 година.
Политичките затвореници не се единствената одлика на партизираното судство, но секако е една од највидливите илустрации за состојбата на институциите на правдата. Во такви услови, тешко е да се замислат слободни и фер избори.
Континуирана изборна мобилизација
Македонија мина низ осум изборни процеси во изминатите осум години, во просек, по еден изборен процес годишно. Честите изборни процеси се карактеризираат со жесток притисок врз гласачкото тело, што на крајот од изборите во 2014 г. резултира со бојкот на опозицијата која ги оспори изборните резултати. Изборните нерегуларности и кршењето на избирачкото право Цивил ги евидентира од 2008 г. Низа други права се прекршуваат во тој процес и остануваат како проблем меѓу два изборни процеси.
Институциите се крајно исполитизирани, а на партиските војници им се овозможени бројни бенефиции, работни места во администрацијата, но и позиции на неказнивост, недопирливост и моќ. Граѓан(к)ите се разединети, а јавниот простор е стеснет и означен со партиско-тоталитарни симболи на моќ и доминација. Оваа ситуација се одржува преку манипулација и притисоци кои го одвлекуваат вниманието на јавноста од реалните проблеми, преку поттикнување и распространување на говорот на омразата. Структурното насилство и дискриминацијата се спроведуваат паралелно со широко распространетиот клиентелизам. Државата и општеството се поистоветуваат со партијата/партиите на власт, а јавните услуги на кои се обврзани институциите се поистоветуваат со милостина, „за да му се помогне на народот“.
Сѐ уште дознаваме за случаи на сериозни изборни нерегуларности и за време на локалните избори во 2013 година и за претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година. ЦИВИЛ подготви опширни извештаи од изборното набљудување во 2013 и 2014 година. Овде ќе ги наведеме заедничките особини на изборите во двете години.
Целосна злоупотреба на сите јавни ресурси на државно и локално ниво се спроведе во партиски цели на секоја педа од земјата. Силен и деноноќен притисок врз секој вработен во администрацијата со единствена „работна“ обврска – да се обезбеди победа за владејачката гарнитура и да се осуети, заплаши или поткупи секој што има намера да гласа поинаку.
Демографска интервенција преку гласање на лица од Пустец, Албанија. За време на локалните избори во 2013 година тие гласаа највидливо во општина Центар, но и во други општини низ Македонија, каде што тоа беше потребно. Истото се повтори, во пософистицирана форма, на изборите во 2014 година. Жителите на Пустец во 2014 година прво гласаа во својство на дијаспора во Тирана, за наредниот ден да пристигнат во Македонија и да гласаат на повеќе места низ земјата, почнувајќи со Ресен, преку Кичево или Битола, до неколку општини во Скопје.
Илјадници фантомски гласачи, односно гласачи во непостоечки станови, влезови, па и цели згради открија тимовите на ЦИВИЛ во Скопје, но и во Охрид, Ресен, Кичево, Битола и Куманово. Гласањето со повеќе лични карти или патни исправи се бележи во помал обем во 2013 година, додека за време на изборите во 2014 година станува повеќе од јасно дека во земјава циркулираат повеќе документи отколку гласачи.
Нелегитимни избори
Поткупот, заканите, уцените и други видови притисоци се очигледни и сеприсутни со години, без оглед на тоа дали се наоѓаме во предизборен период или не. Тоа се потврдува и од набљудувањето на состојбите во доменот на човековите права и слободи, исто колку и во фокусираното изборно набљудување на ЦИВИЛ во 2013 и 2014 година.
Извештаите од изборното набљудување под наслов „Бескрупулозна борна за власт“ во 2013 година и „Дисквалификувана демократија“ во 2014 година, се релевантни показатели за тоа како се спроведуваат изборните процеси во Република Македонија, локални, парламентарни и претседателски. Сите три изборни процеси во изминатите две години се јасна илустрација за масовно кршење на избирачкото право на граѓанките и граѓаните, тешка злоупотреба на севкупните јавни и државни ресурси на земјата во партиски цели и очигледна манипулација со Избирачкиот список со размери кои можат пресудно да влијаат врз исходот од изборите.
Снимките од прислушуваните разговори кои ги објавува опозицијата, со наводи за тешки изборни манипулации и злоупотреби, претставуваат горчлива потврда на извештаите на ЦИВИЛ за тоа како се спроведуваат изборите во Република Македонија.
Нам не ни преостанува ништо друго освен да констатираме, јасно и недвосмислено, дека локалните избори во 2013 година, претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година се нелегитимни, додека нивната законитост е под голем знак на прашање.
Оваа вест е достапна и на: English