Со разочарување можеме да констатираме дека огромен дел од приватните медиуми кои се под контрола на власта, целосно го игнорираат референдумот. Ако тоа и може да се објасни со ставот на власта, кој е негативен во однос на овој референдум и неговото спроведување, начинот на кој МРТ го бојкотира референдумот е целосно неприфатлив. Забележавме дека јавниот сервис МРТ не ја остварува ни денеска, на денот на гласање за Референдумот, својата улога, доделена со законите и статутот на МРТ.
Спроведувањето на Референдумот се одвива во релативно мирна атмосфера. Сепак, се забележуваат огромни проблеми со Избирачкиот список, со што на гласачите им се ускратува правото на глас. Голем број гласачи се откажаа од гласање поради лавиринтот во кој се наоѓаат, затоа што не можат да се најдат на списокот.
Воедно, набљудувачите на ЦИВИЛ забележаа и низа други нерегуларности во текот на гласањето. Голем број граѓанки и граѓани пријавија кварови на лифтовите на повеќе адреси во станбените згради во Капиштец, на бул. Илинден и бул. Кочо Рацин. На една адреса на бул. Илинден, пристап до лифтот имал само претседателот на куќниот совет.
Забележани се неколку случаи на граѓани кои се избришани од Избирачкиот список, односно, не се внесени во него, иако уредно е пријавена промена на адреса на живеење во општина Центар. Таков е случајот со една граѓанка на гласачкото место МЗ Боте Ботевски, број 2838. Се обратила во ОИК со приговор, од каде одговорот бил дека тие не можат ништо да сторат.
Посебниот список за лица кои се на привремен престој во странство, за кој информиравме на претходната прес конференција, е забележан на повеќе гласачки места во текот на овој ден.
Според поплаки од граѓанки и граѓани, се шират дезинформации и се вршат притисоци по телефон, со цел да се спречи излезноста.