Членови на Цивил – Центар за слобода го набљудуваа првиот протестен собир пред Владата, на 05.05.2015 година. Нашите набљудувачи во текот на целиот протест беа во првите редови, пред кордонот на полицијата. Мировните активисти, меѓу кои и нашите набљудувачи, постојано повикуваа на достоинствено и смирено однесување.
Околу 22 часот, насилници уфрлени меѓу демонстрантите почнаа да фрлаат со тврди предмети кон полицајците. Со еден од тие предмети беше погодена една наша набљудувачка. На другата страна, каде што немаше насилници и каде што протестантите мирно протестираа, одеднаш полицијата се нафрли кон нив. Во ваа прилика, една наша активистка беше удрена со пендрек по рака, а претседателот на Цивил беше удрен четири пати со пендрек, по целото тело.
Цивил најостро ја осудува употребата на сила од страна на полицијата и ги потсетува полицајците дека тие треба да се во служба на народот, а не против него.