Полицијата им ги одзеде мобилните телефони на уапсените и приведените во текот на полициските акции против демонстрантите од 5 мај наваму. Само им било кажано дека тие телефони ќе одат на вештачење. Ни по 22 дена, нема објаснување за оваа постапка на полицијата.
Ваквото однесување е спротивно на Законот за кривична постапка. Незаконското однесување на властите особено се гледа во одредбата за определување вештачење од ЗКП. Во став 1 од оваа одредба на ЗКП се пропишува дека: „Вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење. Вештачењето поправило го вршат вештаци запишани во регистарот на вештаци.“
Понатаму, во став 2 од истата одредба јасно се наведува дека: „Вештачењето се определува со писмена наредба.“ Ниеден од приведените не добил писмена наредба за одземање на мобилните телефони.
Особено е важен ставот 3 од законската одредба за вештачење во кој се одредува дека: „Во текот на претходната постапка на средбата ја донесува јавниот обвинител, а на главната расправа судот согласно со членот 394 став (2) од овој закон“. Во став 4 се пропишува и обврската дека: „Во наредбата ќе се наведе во однос на кои факти се врши вештачење и кому му се доверува.“
Протестираме поради самоволието и незаконското постапување на полицијата и бараме јавното обвинителство да се изјасни дали обвинител издал наредба за вештачење. Доколку постои таква наредба, бараме властите да се изјаснат под кои околности се донела таква наредба, што е законска обврска.