Што прави Груевски додека Заев апстинира од бомбардирање?

На разговорите во Скопје на 2 јуни, меѓу опозицијата која ја претставуваше еден човек и власта која ја претставуваа тројца луѓе, паднал договор да се престане со „бомбардирањето“. Очигледно, на власта ѝ е многу важно бомбите да престанат. Колку помалку бомби, толку повеќе воздух за дишење и простор за делување за власта. А и повеќе нервоза и очекувања од опозицијата. Што прави Груевски додека Заев апстинира од бомбардирање?

Предизборната кампања веќе започна. Со искршени заби, крвави муцки и смрдлив здив, но сѐ уште преполни со пари и во цврсти дизгини ставени, луѓето-запчаници на пропагандната машинерија на Груевски го крена нивото на готовност и почна со кампањата. Се разбира, под команда на кормиларот на бродот кој одамна плови во пропаст.

Ја започна изборната кампања, меѓу другото, со тезата дека токму тој барал предвремени избори, кутриот. Неговите пропагандисти, истрошени и посрамотени, прават безброј грешки, но сеедно ја мелат оваа приказна и се обидуваат од петни жили да ја продадат и приказната за „победата“ на нивниот стопан во оваа политичка криза.

Во знак на „добра волја“, премиерот кој себе си се портретира како скромен, вреден, добар и дарежлив патриот ја покачи социјалната помош. Некои двесте и нешто денари, ама кој ти ги дава? Корисниците на социјална помош ќе земаат 7-8 денари повеќе дневно. Или, нецел ѓеврек.

Партијата на власт продолжи да вработува, но со нешто зголемен интензитет. Дели решенија за работа кајшто ќе стигне, а паралелно со тоа и се задолжува. Од каде инаку да ги плати сметките секој месец? Сигурно не од своите тајни сметки.

Груевски се откажа од кривично гонење на дваесетина илјади граѓан(к)и кои претходно ги гонеше кривично поради кршење на Законот за здравствено осигурување. Прво обвини десетици илјади луѓе, па сега ги ослободува од вината. И треба фала да му се каже. Да видиме што уште ќе направи овие денови до бриселскиот состанок, за да го подобри имиџот, да го стивне тоа што не може да стивне – незадоволството, а стоа тоа, се разбира, на наша сметка.

Гледам, газдата ги впрегнал и другарчињата од коалицијата. Министерот за економија од редовите на ДУИ, се растрчал, ги слуша бизнисмените. Во име на вистинскиот газда, се разбира. Неговиот партиски шеф е само полуга на моќта со која управува Груевски, така разбравме. Значи, власта ќе ги разгледа мерките кои бизнис заедницата ќе ги  предложела на владата, за излез од економската криза која, нали, е последица од политичката криза.

Одамна сакам да напишам нешто за валканата улога на бизнис заедницата сите овие години, но ќе го оставам тоа за некоја друга прилика. Нема да заборавам, бидете сигурни.

Мојата поента е дека и вемерето и дуито се максимално раздвижени. Работат деноноќно против разбуденото граѓанство, за да ги спасат своите позиции, а ако тоа не успеат, да се извлечат од одговорноста за криминалите, да ја избегнат правдата и да ги сочуваат огромните пари што ги украдоа од граѓанките и граѓаните на Македонија.

Додека првиот опозиционер, Зоран Заев, реши да апстинира од бомбардирање, кликата на Груевски и верното му тендерско другарче, вредно работат за да ја задржат Македонија ропска.

Не сум сигурен дека тоа беше најдобар потег, Заев да престане со бомбардирањето. Дека е така, покажа и однесувањето на нестабилниот Комесар (или, ако не е нестабилен, тогаш е пристрасен), а тоа го покажа и очекуваното однесување на валканата машинерија на власта.

Заев вети дека ќе ја открие вистината до крај. Ова се мигови кога тоа ветување треба да го исполни, не само поради себе и партијата која ја води, туку поради целата земја.

Џабир Дерала