Во Македонија нема ни минимум услови за остварување на избирачкото право!

Интервју со Мирјана Најческа, експерт за човекови права

Мирјана Најческа ѝ е позната на македонската јавност со својата гласност и бескомпромисност во застапување на човековите права и слободи. Таа е универзитетска професорка и е на чело на Центар за човекови права и разрешување на конфликти. Нејзините анализи и ставови често ја брануваат јавноста. Во ова интервју, Најческа вели дека во Македонија нема елементарни услови во кои луѓето можат да ги практикуваат основните права и слободи. Тоа, според Најческа, се однесува и на правото на гласачите.

Каква е состојбата на човековите права и слободи во контекст на политичката ситуација во Република Македонија?

Во услови на потполно дезавуирање на институциите и извлекување на правната суштина од законите, нема елементарни услови во кои луѓето можат да ги практикуваат основните права и слободи, или пак да ги заштитат во услови кога им се повредени. Посебно се загрозени заштитата од тортура, правото на слобода на мислата, на слобода на изразување, правото на еднаквост (како пред законот, така и во остварувањето на шансите), правото на фер судење, правото на образование, и, правото на избор.

Можноста за заштита на правата и слободите е најограничена (или речиси и невозможна) кога станува збор за ситуации кога правата и слободите се повредени од државни органи или претставници на владеачките политички партии.

Каква е политичката култура на граѓанките и граѓаните во контекст на изборните процеси?

Политичката култура на граѓаните и граѓанките е на исклучително ниско ниво. Не постои знаење за основните институти на системот на демократија, не постои разбирање на базичните вредности врз кои се темели овој систем, а најмалку од се, постои свест за сопствените и правата на другите, кои на луѓето им припаѓаат независно од нивните индивидуални карактеристики или пак, индивидуално однесување.

Во каква состојба е избирачкото право?

Луѓето во Република Македонија немаат ни минимум услови за остварување на избирачкото право. Прва пречка претставува сиромаштијата, која ги става граѓаните во ситуација на потполна зависност и неможност да се направи сопствен избор. Втора пречка претставува злоуотребата на власта во функција на моделирање на резултатите од изборите. Трета пречка претставува лошиот избирачки модел и територијална поделба кои не се соодветни на традициите и менталитетот на граѓаните. Четврта пречка претставува отсуството на соодветни и достапни информации врз основа на кои граѓаните ќе можат да формираат издржан став.

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија?

Ова воопшто не е едноставно прашање. Меѓутоа, има неколку елементи кои уште во оваа фаза на размислување може да се издвојат.

Прво, создавање на модел кој ќе овозможи полипартијство, а не двопартијство. Македонија како една изборна единица.

Второ, оставање доволно временски простор за приближување на информациите до граѓаните.

Трето, модел кој подразбира исклучително силни заштитни механизми.

Четврто, отворени листи со кандидати, што ќе ја засили персоналната одговорност на избраните пред граѓаните, наспроти одговорноста пред партиите.

______________

Интервјуто е направено во рамките на проектот Моето гласачко право кој го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода од 21 јануари 2015 година. Во проектнио сегмент - Истражувања, под наслов „Познавање на гласачкото право, изборните процеси и човековите права“, ЦИВИЛ им испрати идентични прашања на четири експерти кои се истакнаа со своите јавни настапи во оваа сфера: омбудсманот Иџет Мемети, активистката за човекови права Мирјана Најческа, професорот Јове Кекеновски и аналитичарот Мерсел Биљали.