Тепани бегалци на светскиот Ден против тортурата

Околу илјада сиријски бегалци тепани, исплашени и гладни, чекаат да ја преминат македонската граница. Тие во моментот се наоѓаат во зоната помеѓу грчиот граничен премин Евзони и македонскиот, Богородица.

ЦИВИЛ Медиа, во телефонски разговор со Р.М., еден од бегалците, доби информација за тортурата која им ја врши македонската полиција. Тој вели дека при обид да влезат во Македонија, полицијата ги тепа.

„Ако некој проба да влезе во Македонија, полицијата го удира силно и го враќа назад. Било кој од нас да проба влезе во Македонија, го враќаат, откако ќе го истепаат. Има повредени луѓе тука и заглавени сме, немаме каде да одиме. Околу илјада луѓе сме блиску до Гевгелија“, ни изјави тој.

Од друга страна, Иво Котевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи на РМ, вели дека МВР постапува согласно на законите.

„Имаме засилен притисок од јужната страна од страна на илегални имигранти кои сакаат да преминат во Македонија. Ние ги преземаме сите законски мерки и обврски кои што ги имаме. Лицата кои ќе успеат нелегално  да преминат во Македонија ќе бидат третирани согласно законот за азил“, вели Котевски.

ЦИВИЛ Медиа се јави и во Грчката амбасада во Македонија, од каде што не известија дека немало никаква тортура од страна на грчката полиција. Инаку, денеска е Меѓународен ден за поддршка на жртвите на тортура.

Арбана Ќерими

 

Текстот и фотографиите се слободни за преземање, како и секогаш. Ве молиме, објавете ги со линк до нашата веб страница.