Зошто со сила против бегалците?!

Бегалската криза продолжува и се засилува. ЦИВИЛ Центарот за слобода од првите денови се вклучија во заложбите на хуманиот дел на макеоднското општество - да им се помогне на бегалците, повикувајќи ја Владата да се создадат услови за третман кон бегалците според меѓународните стандарди. ЦИВИЛ Медиа од лице место известуваше за страдањата на бегалците во Гевгелија и апелираше до македонската јавност да се саморганизира и преку акциите на волонтерите од невладиниот сектор, но и делувањето на „обичните“ граѓани, да им се олеснат маките на бегалците од Сирија, Блискиот Исток, Африка....

Во тој контекст, го објавуваме редактираното лично сведоштво на нашата соработничка, волонтерка и учесник во хуманитарните акции за помош на бегалците кај Гевгелија и Табановце, која посака да остане анонимна.   

„Криза. Бегалци. Ладнокрвност... Добронамерен пријател ми сугерираше да бидам поладнокрвна кога пишувам, за настаните со бегалците. Многу се трудев, навистина, да бидам рационална кога пишував за доживувањата на терен и за страдањата на бегалците, како и за однесувањето на дел од полицајците, особено првите неколку денови кога делевме помош на Табановце. Но, кога беше употребена полициска сила во Гевгелија, ми остана многу малку место за умереност. Дотогаш, само слушав за слични случаи од другите волонтери, а потоа, и самата бев сведок. Доживеав да чујам и „отровни’ дофрлувања: „Стави им отров во пакетите!“, „Овие не вреди да се спасуваат!“...

Јас сум македонски државјанин, од Скопје, од албанска националност, самовработена! Обична  жена со хуманитарна душа. Од пред еден месец, јас сум дел од една група граѓани, независни и хумани. Јас сум секојдневно со оние на кои што најмногу им треба нашата помош. Оние луѓе од Сирија и од останатите блискоисточни земји, кои транзитираат низ Македонија, меѓу кои има и жени, постари лица и бебиња.

Добро е познато дека Македонија е сиромашна земја со повеќе од 33% невработеност! Но, тоа не не сопира да го делиме и "тоа што немаме" со тие што немаат ништо. За мене беше убаво (иако и тажно) да видам како сириската мигрантска криза не обедини нас (Македонци и Албанци) како никогаш порано! Вака не беше дури ни за времето на косовската мигрантска криза кога бегалци ја преплавија државата. Заедништво какво не сум видела порано!
Но, луѓето од Македонија им помагаат на имигрантите, а не државата. Но...
12 Јули, Гевегелија, железничка страница...

Бев таму додека последниот воз замина од Гевгелија, повторно - само два вагона резервирани за 400 имигранти, а нашите обиди да се лобира за дополнителни вагони беа неуспешни. Другите беа резервирани за туристи и локални патници (Туристите во другите вагони цело време фотографираа и искрено се надевам дека наскоро тие фотографии ќе излезат на виделина за светот да види каков беше третманот на бегалците)

Гневен полицаец ни рече мене и на уште еден волонтер "да се обидеме да ги смириме имигрантите, инаку никој нема да се качи на овој воз!" Некако ги убедивме имигрантите, и се согласија да се смират и подредат, но кога вратите на вагоните се отворија и мајките и децата тргнаа кон возот, мажите нормално избрзаа, предизвикувајќи хаос. Ние активистите се обидувавме да ги смириме за да избегнеме конфликт со полицијата. За жал, беше претешко да се контролира топлата. Тоа ја налути полицијата уште повеќе и доведе до употреба на сила против имигрантите. Пискотниците и солзите на имигрантските жени се уште ги слушам како ехо. Солзите на жените чии сопрузи не се качија на возот. На исплашените жени. "Маж ми, Ве молам помогнете му да се качи!" ми довикуваше една жена. „Ние сме беспомошни", и шепнав. Вратите на возот се затворија, солзи ми потекоа, и се прашував: „Како може некој да тепа имигрант? Како може македонската полиција да тепа имигранти?
Не и беше лесно ниту на полицијата во Гегелија, но тоа никако не ја оправдува примената на сила!

Со среќа имигранти од Сирија

Со среќа граѓани на Македонија!“