ЦИВИЛ – Центар за слобода го објавува почетокот на Иницијативата „Една може!“ посветена на правата на самохраните мајки. Социјалните неправди, дискриминацијата од институциите, мобингот, семејното насилство и жигосувањето од средината, се само дел од неволјите со кои се соочуваат самохраните мајки во Македонија.
Oваа иницијатива, која ја води нашата колешка Дороти Пачкова, започна пред неколку месеци. За кратко време, уште пред официјалното објавување на Иницијативата „Една може!“, малата група го привлече вниманието на голем број самохрани мајки. Овие денови, самохраните мајки, кои се членки на Иницијативата, веќе се самоорганизираат и меѓусебно се помагаат. Претстои серија активности за јакнење на јавната свест и промоција на активностите на Иницијативата „Една може!“.
Една од активностите се состои во тоа што, почнувајќи од понеделник, 17 август, ЦИВИЛ Медиа ќе започне со објавување на серија сведоштва од самохрани мајки.
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, ја согледува потребата од подобрување на општествената положба на самохраните мајки и ги повикува институциите да ги променат политиките и практиките соодветно на стандардите на една демократска земја.
Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите самохрани мајки да контактираат со нашата организација и да се приклучат на Иницијативата во чии рамки веќе функционира групата за самопомош на самохраните мајки.