Неуморно работиме на најгорливите проблеми на општеството

ПЕРИОДИЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА АКЦИИТЕ НА ЦИВИЛ – ЦЕНТАР ЗА СЛОБОДА

ЦИВИЛ – Центар за слобода спроведе повеќе акции и проектни активности во текот на летото. Без ниеден ден пауза, тимовите на ЦИВИЛ работе на спроведување на акции и проекти низ целата земја. Во фокусот на вниманието на организацијата се политичката криза и напорите за демократизација на Република Македонија и обезбедување услови за слободни избори во 2016 година. Овој извештај не ги исцрпува сите активности спроведени во текот на летото, туку е само нивна кратка селекција.

ЦИВИЛ ја заврши првата фаза од имплементацијата на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ чија имплементација започна на 1 јули 2015 година, а во чии рамки се спроведе истражување за состојбата на потребите од нов изборен модел во Македонија, состојбите на гласачкот право и низа други аспекти релевантни на проектот. Резултатите од ова истражување ќе бидат достапни за јавноста на 27 август. Паралелно со овој проект, во тек е имплементацијата на проектот „Моето гласачко право“ кој започна на 21 јануари 2105 година.

Воедно, ЦИВИЛ ја зајакна и прошири структурата на своите тимови кои спроведуваат долгорочен мониторинг на состојбите поврзани со различни аспекти на изборниот процес и влијанието на политичката криза на локално и национално ниво. Формирани се и девет регионални мониторинг тимови низ целата земја и мобилен мониторинг тим кој е на терен и ги верификува наодите и информациите кои секојдневно пристигнуваат од целата земја. Во најава е и обновената веб страница „Слободни избори“ за пријавување на случаи на кршење на гласачкото право, предвремена кампања и изборни нерегуларности, чие претставување во јавноста ќе биде на 29 август.

На самиот крај на летниот период, ЦИВИЛ организира серија активности и јавни настани заедно со познатата организација ГОНГ од Хрватска. Јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска во компаративна перспектива“ која ќе се одржи на 31 август е само дел од активности кои ЦИВИЛ заедно со ГОНГ ќе ги спроведе до крајот на оваа година.

VRP event

Јавна дискусија: За Македонија се потребни вистински демократски реформи (Проект: Моето гласачко право)

Во текот на летото, ЦИВИЛ одржа неколку јавни настани и објави повеќе содржини на својата веб страница каде што релевантни експерти говореа за различни аспекти на кризата и за нејзиното надминување. Меѓу нив се и Јове Кекеновски и Стево Пендаровски кои говореа на трибината под наслов „На Македонија ѝ се потребни вистински демократски реформи“, Иџет Мемети, Мирјана Најческа, Мерсел Биљали и низа други во поединечни средби и интервјуа кои ги направи новинарската екипа на ЦИВИЛ Медиа.

ЦИВИЛ спроведе повеќе истражувачки активности за состојбата на човековите права преку фокус групи и онлајн прашалници. Во комуникација со јавноста, освен преку онлајн каналите на ЦИВИЛ, веб страницата, Фејсбук профилот, Јутуб и Твитер, се одржаа и повеќе прес конференции на теми релевантни на проектите и на политичкиот процес. Седиштето на ЦИВИЛ често е посетено од голем број новинарки и новинари од земјата, од регионот и од странство.

Етнички мотивираните насилни инциденти меѓу навивачките групи во кои настрадаа и деца, жени и возрасни лица кои не се дел од хулиганските банди, според ЦИВИЛ, беа само уште една манифестација на неуспехот на политичките елити на власта да започнат со сериозно спроведување на договорот за надминување на политичката криза. На овие инциденти, ЦИВИЛ се спротивстави серија написи и онлајн активизам за кој веруваме дека имаше ограничен, но значаен ефект.

Refugees

Бегалска криза, железничка станица во Гевгелија

Бегалската криза со која се соочи Македонија, несмасниот и груб одговор на властите кон бегалците, беше мотив за членовите на ЦИВИЛ да се зафатат и со овој проблем, на волонтерска основа, но и ЦИВИЛ како институција ја стави бегалската криза високо на агендата.

ЦИВИЛ го набљудува спроведувањето на договорот за надминување на политичката криза и подготовките на земјата за спроведување слободни избори во 2016 година. Од набљудувањето во текот на летото, ЦИВИЛ прибра голем број информации за случаи на кршење на политичкиот договор, агресивна политичка кампања, злоупотреби на власта и на јавните и државните ресурси, притисоци и коруптивни практики во изборен контекст. ЦИВИЛ подготвува опширен извештај за сите аспекти на мониторингот кој ќе биде достапен за јавноста во првата половина на септември.

АКТИВНО УЧЕСТВО ВО НАДМИНУВАЊЕТО НА ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА

Во текот на летото, ЦИВИЛ активно учествуваше во политичкиот процес преку изработката и објавувањето анализи, коментари и препораки за реформи во клучните области кои треба да обезбедат слободни избори, демократија и почитување на човековите права и слободи. Листата на решенијата и препораките кои ЦИВИЛ ги понуди на јавноста и учесниците во преговорите за надминување на политичката криза е долга и елаборирана.

Да потсетиме, се работи за анализи и препораки за изборниот модел, Избирачкиот список, Државната изборна комисија и низа измени во Изборниот законик. Понатаму, предложивме низа мерки кои се однесуваат на медиумите и регулаторното тело за медиумите, истрагата за злоупотребите на власта, истрагата за безбедносната криза во Куманово и други чекори преку кои земјата ќе се демократизира и ќе се создадат минимални услови за одржување слободни избори. Во овој извештај ќе наведеме еден дел од тие анализи и препораки кои ги претставувавме на јавноста во текот на уште едно работно лето на ЦИВИЛ.

МАКЕДОНИЈА – ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА И ГЛАСАЊЕТО НА ДИЈАСПОРАТА

Македонија треба да биде една изборна единица, со отворени кандидатски листи на изборите. Овие решенија се понудени во јавноста веќе подолго време, но беа игнорирани од владејачките партии. Изборниот модел на Република Македонија повеќе пати е менуван, но никогаш не се зедоа предвид решенија кои ќе доведат до застапеност на сите заедници и на помалите политички партии, како што е моделот според кој целата земја е една изборна единица.

Воедно, отворените кандидатски листи ќе обезбедат поголема демократија внатре, во партиите, а уште поважно од тоа, ќе ја зголемат одговорноста на пратениците кон нивното гласачко тело.

Гласањето на дијаспората мора да се редефинира и да биде овозможено на тој начин што ќе се изедначи вредноста на гласот на иселениците со онаа на гласачите во матичната земја. Тоа подразбира дека иселениците ќе гласаат во една изборна единица, а тоа е Македонија.

ЦИВИЛ понуди и низа други решенија во рамките на изборниот систем во земјата и ќе продолжи со нивно претставување пред сите граѓанки и граѓани, а не само на учесниците во преговорите зад затворени врати.

Предлагаме конкретни решенија со едноставни и јасни мерки кои мора да се преземат за да се отстранат сериозните недостатоци на изборниот систем, за да имаме минимум нормална држава. Се разбира, свесни сме дека е потребна политичка волја и доблест за нивно донесување и спроведување.

РЕШЕНИЈА ЗА КАТАСТРОФАЛНАТА СОСТОЈБА НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Избирачкиот список е во катастрофална состојба. ЦИВИЛ на изборите во 2013 и 2014 година го разотки проблемот со измислените влезови, згради, станови, ги пронајде фантомските гласачи, успеа да ја разобличи демографската интервенција и операцијата „Пустец“ и низа други сериозни проблеми кои им обезбедија незаборавно гласање граѓанките и граѓаните на изборните циклуси од 2008 година наваму. Како потсетник за овие исклучително мачни и срамни избори, може да послужат извештаите „Бескрупулозна борба за власт“ од 2013 година и „Дисквалификувана демократија“ во 2014 година.

Затоа, го поддржуваме моделот на активна регистрација на гласачите која треба да биде задолжителна за сите. Во тие рамки, потребно е да се подобри Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето за да се избегнат дополнителни манипулации со бројот на гласачите и демографската интервенција. Проблемот со повеќекратни документи кои се појавија за време на изборите минатата година ќе биде надминат со оставање на отпечаток од прст за време на активната регистрација.

РЕФОРМИ ВО ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Реформите во ДИК се од суштинско значење за изборите. Ние веруваме дека Државната изборна комисија треба да биде професионално тело составено од домашни и странски експерти и претставници на граѓанското општество, а не од партиски претставници. Со оглед на околностите, ваква суштинска реформа се чини невозможна во овој период, но мора да се има предвид во догледна иднина таа и да се спроведе.

Доколку таква реформа не е возможна во овој период, важно е опозицијата да има мнозинство во Државната изборна комисија, за да се обезбедат услови за слободни избори. Тоа мнозинство треба да биде реално, а не фиктивно како што беше случај со досегашниот состав на ДИК кога опозицијата практично беше во малцинство.

Воедно, ДИК треба да биде главен носител на изборниот процес и на сите мерки и проекти поврзани со изборните процеси. Ингеренциите на ДИК мора да се зголемат и реално, не само на хартија. Една од најважните ингеренции на ДИК треба да биде Избирачкиот список, а не да зависи од волјата на инсититуции во кои довербата е оправдано разнишана, како што е случајот со Министерството за внатрешни работи.

ИСТРАГА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ НА ВЛАСТА

Во услови кога власта не се согласува со смена на Јавниот обвинител и формирање на вистински независно јавно обвинителство во земјата, компромисно решение е да се избере Специјален јавен обвинител кој ќе се занимава со злоупотребите на власта за кои постојат индиции во прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата.

Специјалниот јавен обвинител треба да биде избран до 15 септември. Со ова, ќе настапи нова фаза во надминување на политичката криза и расчистување со криминалните злоупотреби на властите во земјата. За злоупотребите и лошото владеење сведочат снимките од прислушуваните разговори, но и извештаите на релевантни организации и институции во земјата и во странство, меѓу кои е и троцифрената бројка извештаи и соопштенија на ЦИВИЛ во изминатите години.

ЦИВИЛ бара од преговарачите да изберат специјален јавен обвинител кој ќе биде целосно независен и кој во истиот миг кога ќе стапи на должност треба да започне со брзо решавање на случаите за кои ќе биде задолжен. Предлагаме, доколку не се избере специјален јавен обвинител од земјава, да се ангажира професионалец од странство.

ИСТРАГА ЗА БЕЗБЕДНОСНАТА КРИЗА ВО КУМАНОВО

Kumanovo

Куманово, по битката, мај 2015

Постојат сериозни наводи за инволвираност на владини претставници во целиот проблем,  со високо коруптивни елементи, кои доведоа до кризата и може да предизвикаат тешки последици за безбедноста.

Оттаму, потребно е итно формирање на специјална комисија која ќе ја истражи безбедносната криза во Куманово на 9-ти и 10-ти мај 2015 г.

 

РЕФОРМА НА ЈАВНИОТ СЕРВИС МРТВ и АВМУ

Само со реформирање на јавниот сервис МРТВ ефектот ќе биде минимален, бидејќи и понатаму ќе останат коруптивните практики во поглед на останатите медиуми во земјата чие влијание е многу поголемо.

Оттаму, потребно е контролата на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), а соодветно на тоа и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да ја преземе опозицијата во соработка со независни експерти и граѓанското општество.

ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ, ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

Цивил – Центар за слобода повеќе пати посочи на потребата за предвремени локални и претседателски избори во 2016, истовремено со предвремените парламентарни избори.

Оваа изјава е врз основа на долгорочното набљудување на нашата  организација и на заклучоците донесени во извештаите за изборите во 2013 и 2014 година, како и други извештаи и анализи и јавни барања од страна на државни и други релевантни организации и институции на национално и меѓународно ниво.

КОНСТРУКТИВЕН ПРИДОНЕС И ВРЕДНОСТИ

ЦИВИЛ – Центар за слобода го застапува ставот дека е неопходно воспоставувањето на граѓанкска контрола на политичкиот процес и на спроведувањето на сите решенија кои произлегуваат од политичкиот договор, препораките на домашните и странските организации, институции и експерти и од преговорите кои се во тек. На денот на обновување на преговорите за надминување на политичката криза, 17 август, ЦИВИЛ излезе со соопштение во кое потсети на конструктивниот придонес на граѓанското општество во целиот процес. Понатаму, во соопштението се вели:

Ние, како претставници на граѓанското општество, со нашите предлози и експертизи во голем број области релевантни за политичкиот процес, можеме да дадеме драгоцен придонес и да помогнеме процесот да добие легитимитет.

Иако преговорите се одржуваат зад затворени врати, а јавноста и граѓанското општество не се директно вклучени, процесот во целина е многу комплексен и опфаќа многу повеќе засегнати страни, како што се помалите политички партии, граѓанските организации, медиумите, а над сѐ, граѓанките и граѓаните на нашата земја. Затоа, потребно е овој политички процес да биде инклузивен и транспарентен, без оглед на затвореноста на директните преговори.

ЦИВИЛ ќе биде на располагање за консултации во текот на преговорите и процесот во целина и ќе продолжи со набљудувањето на спроведувањето на Договорот, како и на сите аспекти поврзани со изборниот процес.

За крај, ние во ЦИВИЛ сакаме да истакнеме дека е лесно да се препознае дека организациите на граѓанското општество, но и институциите и политичките партии, располагаат со одлични човечки ресурси, знаења и експертизи.

Но, како и секогаш ние се залагаме за вредности. Најважно од сѐ е да се гради и одржува довербата кај граѓанките и граѓаните. Не смее да се заборави дека ние, како граѓански организации, постоиме за нив, да ги слушнеме и изнесеме нивните интереси и потреби во јавноста.

Затоа, за нас најважни се кредибилитетот, искреноста и чесноста.

Знаењето се стекнува, но изгубениот кредибилитет на нечесните учесници во овие важни процеси не може никогаш да се врати.

ЦИВИЛ продолжува неуморно да работи на најгорливите проблеми во општеството, посветено, чесно, искрено и истрајно до крај. Со секој чекор и активност ќе дадеме сѐ од себе да ја оправдаме довербата на јавноста и големата поддршка од граѓанките и граѓаните на Република Македонија.

Оваа вест е достапна и на: English