Во организација на КРОСОЛ (Платформа за меѓународна граѓанска солидарност Хрватска), со иницијатива на КЉП (Куќа за човекови права Хрватска) и на ГОНГ Хрватска, во петок, 16 октомври, со почеток во 17:00 часот ќе се одржи Брифинг - Македонија денес и утре: има ли уште шанса за демократизација и човекови права?
Брифингот ќе се одржи во просториите на КЉП во Загреб, а говорник ќе биде, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, најавен од домаќините, како „еден од предводниците на граѓанскиот отпор против авторитарната власт во Македонија, а како таков, и мета на бруталните политички напади и дифамации во државно контролираните медиуми“.
Политичката корупција во Македонија, строго контролирано новинарство, нефункционалното судство, бруталноста на одделни припадници на МВР и неизвесните преговори за излез од политичката криза, се само дел од темите за кои ќе се дискутира во Загреб.
Како долгогодишен новинар и граѓански активист, лидерот на ЦИВИЛ, ќе има можност од еден поинаков агол да ја проанализира пред хрватската јавност, политичката состојба, нерегуларностите во изборните процеси и кршењето на човековите права и слободи во Македонија.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, во соработка со ГОНГ, работи на мониторирање и индентификување на изборните нерегуларности, како дел од подготовките на агендата за изборни реформи.