Организатор на натпреварот е ЦИВИЛ -Центар за слобода со адреса Максим Горки 31/1. Право за учество имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани на република Македонија. Право на учество во натпреварот немаат членовите на раководството и проектниот тим во ЦИВИЛ.
Материјалите со кои учествувате мора да бидат оригинални трудови. Трудовите треба да бидат на тема: закани, уцени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, кршење на гласачкото право, злоупотреба на јавните ресурси и администрацијата и други видови кршење на човековите права во изборен контекст.
Секој учесник и неговите извори имаат право да останат анонимни доколку така одлучат.
ЦИВИЛ нема да ги објави имињата на учесниците кои ќе се одлучат за анонимност. Материјалите кои се праќаат треба да бидат во фото/видео/аудио формат, но ќе се земат предвид и текстови. Со учество во натпреварот, корисникот ги предава правата за користење на материјалот, односно преминува во сопственост на ЦИВИЛ и понатаму може да се користи за објавување во рамките на продукцијата на организацијата.
Учесниците кои нема да се регистрираат во согласност со правилата за регистрација, автоматски ќе бидат исклучени од учеството во натпреварот. Истото важи и во случај на приложување на неточни податоци од страна на Учесниците.
Лицата кои нема да се регистрираат во согласност со правилата за регистрација и ќе приложат неточни податоци го губат правото на учество при доделувањето на наградата, доколку во меѓувреме ја освојат. Во случај на давање на неточни податоци, лицата сами ја сносат одговорноста, т.е. ЦИВИЛ нема да сноси никакви одговорности по било кој основ.
Преку формуларот за учество, корисниците не смеат да објавуваат материјали кои ги загрозуваат или ги кршат правилата на останатите корисници, кои се незаконски по својата природа, кои се вулгарни или пак на било кој начин навредливи во комуникацијата, кои поттикнуваат на дискриминација, противправни и нелегални активности. Во случај на вакви активности, нивните вршители ќе бидат инстантно дисквалификувани, со забрана за повторно учество во натпреварот.
ЦИВИЛ го задржува правото да го дисквалификува секој учесник за кој има основи да верува дека делува во спротивност со правилата на натпреварот. Одлуките на ЦИВИЛ во поглед на можните дисквалификации се финални. ЦИВИЛ го задржува правото на измена на правилата на наградниот натпревар “Биди граѓански новинар”за време на траење на натпреварот.
Сите податоци на учесниците (име и презиме и е-mail адреса) ќе се користат заради контактирање на добитниците во врска со преземањето на наградите, проверка на регуларноста на нивното учество, статистичка обработка и јавна објава на добитниците на веб сајтот www.civil.org.mk како и на другите онлајн канали на ЦИВИЛ.
Сите содржини објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ подлежат на лиценцата Creative Commons 4.0, односно може слободно да се преземаат од други медиуми. Учесниците се согласни дека ЦИВИЛ повремено може да им испраќа известувања за настаните на ЦИВИЛ на приложените e-mail адреси. Организаторот нема да отстапи било какви сензитивни податоци на трето лице, освен во случаите наведени погоре.
Проектот „Биди граѓански новинар“ е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.