ЦИВИЛ со „Зелена иднина“ во Штип

ЦИВИЛ организира работилница со наслов “Зелена иднина“, посветена на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, утре во општинската сала во Штип, со почеток во 13 часот. Проектниот тим на ЦИВИЛ одговара зошто е важно да се биде дел од оваа работилница?

Изминатите години во Република Северна Македонија рапидно се зголемува бројот на невладини организации кои се занимаваат со овие теми. Во предизборните кампањи на политичките партии сѐ почесто се споменуваат проблемите со социјалната (не)правда, зелените вредности наспроти катастрофата од загадување која ни се случува, во јавноста често се слушаат декларативните заложби за едно општество за сите, но реалноста е сосема поинаква. Кои сме, каде сме, што правиме и кои се резултатите? Ова се дел од прашањата коишто ќе се обидеме да ги одговориме на оваа работилница на која навистина ќе има што да се слушне, а и што да се каже.

Доколку навистина сакаме да преземеме конкретни чекори кон подобрување на состојбите во нашето општество и држава, редно време е и конкретно да дискутираме, без заобиколување!

Работилницата на ЦИВИЛ е можност за сите општествено активни граѓанки и граѓани без разлика од каде доаѓаат, дали се дел од невладиниот сектор, или пак дел од некоја партија, да ги изнесат своите ставови и предлози.

ЦИВИЛ веќе спроведува активности за формирање на неформална граѓанска иницијатива поврзана со темите релевантни на проектот, што ќе биде уште една можност за разговор и почеток на нова или зајакнување на постојната соработка меѓу различните засегнати страни и структурите во кои се донесуваат одлуки на локално и национално ниво.

Брошура на ЦИВИЛ за зелените вредности. Фото: М. Ивановска/ЦИВИЛ

Во проектните документи и во поканата од организаторите се вели:

„Зелена иднина“ е проект за поддршка на застапување и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.

На Република Северна Македонија ѝ е потребна сеопфатна граѓанска, политичка и институционална акција за промоција, едукација и практикување на зелените вредности што е составен дел од глобалните трендови во политиката, економијата, образованието и граѓанското организирање во најширока смисла на зборот. Зелените вредности секако подразбираат грижа за природните ресурси и налагаат трансформација на потрошувачкото во одржливо општество, со нови концепти на економијата, а особено на енергетиката.

Неизоставен дел од зелените вредности се човековите права и слободи, еднаквоста и инклузивноста. Во тој контекст, а особено во контекст на земјите од Западен Балкан, зелените вредности се неделиви и во нивни рамки секако се подразбираат и социјалната правда и антинационализмот како предуслови за развој на слободно и демократско општество и градење на одржлива иднина.

На работилницата ќе биде презентиран проектот на ЦИВИЛ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Во работниот дел на овој настан, ќе се отвори дискусија за можностите . Понатаму, посебно внимание ќе се посвети на зелените иницијативи и стратегии, како и на прашањата поврзани со промоцијата и практикувањето на европските вредности и зелените алтернативи, во пресрет на процесите за интеграција на Македонија во ЕУ.

ЦИВИЛ на овие работилници ги поканува сите заинтересирани граѓански организации, зелените иницијативи, политичките партии, медиумите, активистите и заинтересираните граѓанки и граѓани.

Агендата на двочасовниот настан на самиот почеток предвидува термин од 15 минути за изјави за медиумите, а веднаш потоа започнуваат сесии на кои не е дозволено видео и аудио снимање. По презентацијата на проектот „Зелена иднина“ и на поврзаноста меѓу европските и зелените вредности, социјалната и еколошката правда, ќе се отвори дискусија на темите: „Зелени вредности на локално и централно ниво: состојби, предизвици и перспективи“ и „Граѓанското учество во општествените процеси за поддршка на демократските реформи, зелените алтернативи и антинационализмот“.

Како и секогаш, тимот на ЦИВИЛ ќе биде подготвен за интервенции во агендата, зависно од предлозите на учесниците на работилницата. За време на паузите и по настанот, тимот за медиумска продукција на ЦИВИЛ, ќе побара изјави од заинтересираните учесници на темите што ќе се обработуваат на работилницата.

ЦИВИЛ Тим за комуникации