Аман, баталете го оружјето!

Повторно вести во медиумите за заскитани куршуми. Овој пат, за среќа, завршиле во нечија тенда, во нечиј автомобил..., не во месо. Аман веќе! Па, свадбата е еден од најважните денови во животот на секој пар. Но, во Македонија, често овој убав ден се претвара во хорор за комшиите, за случајните минувачи, па дури и за граѓаните кои живеат на голема оддалеченост од местата на веселбите.

Арбана Ќерими

Арбана Ќерими

Пред неколку месеци бев на свадба кај еден близок роднина. Играв неколку ора, околу мене имаше педесетина луѓе, меѓу кои и многу распеани и весели деца. Целото село ечеше од изворна музика, од звуците на зурли и тапани и секако, од пукањето со пиштоли?! Откако слушнав пукотници, се тргнав настрана, исплашена, фрапирана и бесна. На секоја песна, нова „тура“ пукање, почнувајќи од бабата, па се до најмладиот син?! А по канонадата, сите продолжија со орото. И децата невино продолжија да се веселат. Како за сите нив, тоа да беше многу нормално и вообичаено! Не можев да ја гледам таа слика. Се тргнав, набљудував од страна и се грижев децата да не одат блиску до оние кои постојано пукаа.

По неколку часа заминавме по невестата. И таму имаше неколку истрели, колку да се знае дека „ја земавме невестата“. Наместо уживање на свадба, тоа беше најголемиот стрес што сум го доживеела. Постојано гледав да не долета некоја чаура. Веселбата за мене беше тежок ден. Во ушите ми одекнуваа истрелите.

Не можам да сфатам до кога на свадбите во Македонија луѓето ќе се веселат на ваков начин. Во лето да поминеш низ Чаир, местото каде што живеам, е како како да шеташ по бојно поле. Речиси секој ден има свадби. И секој ден, истрели од огнено оружје. Настрана култот кон оружјето... Но, неодамна почина дете од Гостивар, погодено и убиено од заскитан куршум. МВР досега не го најде виновникот. Зошто сме толку индиферентни за еден згаснат живот? Уште колку детски животи треба да згаснат, за да се вразумат „развеселените“ сватови-пиштолџии? Зарем децата треба бидат жртви на некаков застарен адет, на глупост која и ден-денес ја практикуваат Балканците? И децата ли ќе ги учиме на ваков дивјачки начин на славење? Зарем не е крајно време да се прекине со примитивните начини на наводно покажување радост и на „продавање“ на фраерлук. Дајте, да не ги уништуваме веселбите со куршуми!

Апелирам граѓанките и граѓаните да се вразумат и да ја сфатат опасноста од употребата на оружје на свадбите и на другите веселби. Институциите пак, мора редовно да преземат мерки за пронаоѓање и казнување на лицата кои употребуваат огнено оружје на вакви настани. Едноставно, полицијата мора да биде поажурна, за да не се создава впечаток дека на „пиштолџиите“ им се дава слобода, дека им е дозволено да прават што сакаат и да ги загрозуваат невините граѓан(к)и.

Секој, кој радоста ја искажува со фаќање за пиштолот, треба да биде свесен дека утре и неговото дете може да настрада поради нечија глупост.

Арбана Ќерими

Оваа вест е достапна и на: Albanian