АПЛИКАЦИЈА ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ИЗБОРНО НАБЉУДУВАЊЕ

ЦИВИЛ објавува конкурс за набљудувачки и набљудувачи за претстојните локални избори на 15 октомври 2017 година.

Преку оваа Апликација за пријавување на изборните набљудувачи можете да се пријавувате и директно да учествувате во набљудувањето на изборите. #СлободниИзбори.
Огласот трае до полноќ на 28 септември, 2017 година.

Веб-страницата, која ЦИВИЛ ја лансира уште во 2013 година, за граѓанките и граѓаните да пријавуваат изборни нерегуларности во текот на изборниот процес, сега содржи и многу едноставна онлајн Апликација.

На веб-страницата #СлободниИзбори е и рубриката „Ресурси“, од која посетителите можат да преземат публикации посветени на изборното набљудување на ЦИВИЛ.

Освен на онлајн апликацијата, отворена е можноста кандидатите да се пријавуваат и преку електронска пошта на monitor@civil.mk, или може да дојдат и лично во седиштето на ЦИВИЛ. За повеќе информации, граѓанките и граѓаните можат да се јавуваат на телефонот 02 / 520 91 76.

Услови за спроведување на работните обврски на акредитираните набљудувачи на ЦИВИЛ се: набљудувачите на ЦИВИЛ немаат партиски или друг ангажман за набљудување на изборите и го спроведуваат изборниот мониторинг само за ЦИВИЛ. Набљудувачите на ЦИВИЛ строго се придржуваат кон принципите за непристрасност и неутралност, ги следат упатствата и налозите од организацијата и го спроведуваат мониторингот на изборите во согласност со Изборниот законик и Кодексот за набљудување. Извештаите се прецизни и веродостојни, поткрепени со факти.
Набљудувачите на ЦИВИЛ се мобилни и се ставаат на располагање според планот за изборен мониторинг, на локации кои ќе им бидат соопштени непосредно пред денот на изборите. Набљудувачите на ЦИВИЛ ја почитуваат тајноста на податоците и информациите добиени во текот на работата во ЦИВИЛ, за што секој/а набљудувач/ка е одговорен/одговорна според соодветните закони за чување на службена тајна.