Баловите на моќниците – шлаканица врз лицето на Ромите

Последниве неколку години, политичките партии на Ромите, на 15 и 16 јануари традиционално организираат ромски балови. И оваа година,  повеќето политички политички партии организираа раскошни забави за своите партиски поддржувачи, а гости на најголемата ромска политичка партија, Сојузот на Ромите – СРМ на пратеникот Амди Бајрам, беа премиерот Никола Груевски, поранешниот шеф на македонското контраразузнавање, Сашо Мијалков и други членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Годинава, овој викенд, Ромскиот бал, организиран од СРМ, се оддржа во хотелот Александар Палас, каде што имало раскошни јадења, алкохолни пијалоци, егзотично овошје... Нашите извори велат дека имало „од пиле млеко“. За музиката и за кревањето атмосфера биле ангажирани пејачки од Бугарија, Србија, Белгија и Македонија.

Ромски балЗа да бидат дел од овој раскош, Ромите плаќале влезници од по 1.500 денари, а според неофицијални извори, за балот на СРМ се продале над 1.000 влезници. Екипата на ЦИВИЛ се обиде да стапи во контакт со лицето кое беше задолжено за организацијата на Ромскиот бал, но тоа беше недостапно.

Од фотографиите и видео-снимките од настанот, како и од информациите со кои располагаме, лесно може да се заклучи дека Ромите во Македонија живеат во два парелелни универзума: додека едни уживаат во сјајот на „Александар Палас“, други Роми едвај преживуваат.

Според релевантни извештаи на домашни и меѓународни институции и невладини организации, голем дел од ромското население во Македонија, и во 21 век, живее во супстандардни услови. Голем дел од Ромите кои, нормално, не беа поканети да уживаат на балот, немаат пари за преживување, ни покрив над глава, ни дрва за огрев, ни здравствено и социјално осигурување...

РомиИ покрај Декадата на Ромите, и покрај програмските определби и ветувањата на партиите, голем дел од Ромите сѐ уште се невработени, недоволно едуцирани, маргинализирани членови на македонското општество, осудени на понатамошна гетоизација, товар врз совеста на македонската држава, која се декларира како социјална и хумана...

Ромите во Македонија живеат на двата спротивставени пола, меѓу контејнерите за отпадоци во кои татковците собираат секундарни суровини и крстосниците на кои питачат нивните деца, а на гламурозните балови аздисуваат нивните самонаречени етнички лидери. До кога мислат така да се изживуваат врз грбот на нашите најсиромашни сограѓани, треба да одговорат токму ороводците на овој виртуелен гламур.

Дали ромските балови служат само за собирање на политички поени и за политички бизнис-зделки? Откако на 15 јануари ја поднесе условената оставка, премиерот Груевски, веќе утредента присуствуваше на Ромскиот бал, кај својот коалиционен партнер и соработник, пратеникот Бајрам. Но, според дел од граѓаните кои беа на забавата, присуството на првите луѓе од владеачката гарнитура на државата, не е само за да им укажат чест на Ромите, туку и да добијат политички поени, и секако, што поефтини гласови на претстојните парламентарни избори.

freeimages.n1infoДали политичките лидери ги решија сите инфраструктурни проблеми со кои секојдневно се соочуваат Ромите? Дали градоначалникот Елвис Бајрам изнајде решение за отварање на гинеколошка ординација во Шуто Оризари? Дали ромската популација може да отиде во ромски театар или културен центар и да гледа претстави на ромски јазик? Дали партиските лидери, живеејќи во својот виртуелен свет, веруваат дека Ромите имаат вишок пари за „кралски“ балови, со раскошни јадења и пиење во изобилство, за скапи тоалети, брендирани чевли, високи потпетици и скапи парфеми? – тоа се прашањата за оваа „елита“ и нивните заштитници на највисоко државно ниво.

Секако, постојат многу неодговорени прашања и проблеми, за кои треба и време и средства, но, пред и над сѐ, политичка волја. И кај ромските лидери, и кај државното раководство. Без лицемерие и скриени намери. Дали некому од ромските политички лидери (некому од челниците на оние 5 или 6 партии со предзнак – ромски) му „текна“ дека Ромскиот бал би можел да биде и хуманитарен, па насобраните средства од најбогатите сонародници, да се пренаменат за помош на „Децата од улица“, на пример, за згрижување на децата-питачи, кои се стигма за македонското општество или за библиотека, за културен центар, за преквалификација или доквалификација на невработените млади Роми.

До кога Ромите ќе бидат „Пепелашката“ на македонското општество?

Дехран Муратов

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian