Битола знае како до слободни избори

Регионалната работна група за слободни избори во Битола денеска одржа состанок на кој учествуваа дваесеттина претставници на политичките партии, граѓански организации и заинтересирани граѓанки и граѓани. Меѓу учесниците беше и лидер на една политичка партија и пратеник во Собранието, советници во Општина Битола, лидери на граѓански организации, како и претставници на медиумите. 

На средбата се разви динамична дискусија за тоа дали се создаваат услови за слободни избори во Република Македонија, се презентираше голем број податоци за актуелните состојби во регионот и се понудија низа препораки и решенија за надминување на политичката криза со цел да се обезбедат минимални услови за одржување слободни избори.

FEFC BT 04012016 (7)Предизвиците за Државната изборна комисија, потребата од средување на Избирачкиот список и реформите во медиумската сфера се областите во кои се потребни итни мерки. Агитацијата и валканата кампања, како и целосната партизација на институциите се меѓу најголемите проблеми со кои се соочува македонското општество. Заклучок на претставниците на политичките партии, но и на повеќето учесници беше дека нема време за обезбедување на услови за слободни избори на 24 април, што се совпаѓа и со согледувањата и заклучоците на ЦИВИЛ.

Воедно, претставниците на организацијата „За нас се работи“ споделија низа податоци за состојбите во поширок политички контекст, за начинот на владеењето на локално ниво и за потребата од соработка и солидарност меѓу сите демократски ориентирани ентитети во земјата.

Регионалната работна група е ад-хок тело кое се формира во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.