Охридскиот договор, документ кој даде основи за уставни промени и воведување политчики практики во кои ќе се негува мултикултурализмот и почитувањето на правата на сите етнички заедници, 14 години подоцна сѐ уште е предмет на политичка и јавна дебата.
Дали е спроведен доследно и целосно или е изманипулиран и турнат на маргините? Што очекуваа, а што добија бранителите и припадниците на ОНА? Кој ги убива поранешните команданти на ОНА? За овие и за низа други прашања, зборува Даим Хисени, алиас Командант Валтери од ОНА.
По повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, ЦИВИЛ Медиа побара став и од генералот Стојанче Ангелов, од редовите на бранителите, кој, за жал, од оправдани причини беше спречен да ни ги достави одговорите. Се надеваме дека во првата следна прилика, ќе можеме да Ви ги презентираме и неговите размислувања за овие теми.
14 години по Охрид...
„За овие 14 години, ние се трудиме да обезбедиме соживот. Бевме задоволни со постигнувањето на Охридскиот договор и тоа го прифативме. Но, не сме задоволни од политиката, зашто и по 14 години, во Македонија не се најде ниедна гарнитура на власт која што ќе биде - за граѓаните и за интересите на Република Македонија. И денес, се штитат некои надворешни влијанија и интереси...“, вели Даим Хисени (алиас Командант Валтер), од Здружението на ветерани на ОНА.
„И припадниците на бранителите денес се свесни дека оние кои во 2001 ги сметаа за терористи, не биле тоа, туку дека албанската популација во Македонија имала своја цел. И дека странските служби ги труеле и Албанците и Македонците да дојде до конфликт. Дел од македонските политичари и јавно се декларираат против НАТО и САД или Германија, оти тие наводно се проалбански настроени. Како може промакеоднските големи сили да не ги сакаме, а да сакаме некои сили чија цел е Македонија да остане разединета. Има и дел од Македонците кои тагуваат по Титова Југославија, а нѐ обвинуваат нас, Албанците, дека сме за некаква федерализација. Па, Македонија со два милиона жители е колку Барјам Пашината општина во Истанбул. И ние да не можеме да се договориме?! Греота е да се жалиме и да велиме дека не можеме да живееме заедно...“
Припадниците на ОНА, денес...
„Нашата организација е формирана на 5 мај 2002, по контактите кои за време на судирот и потоа, ги имавме со претставниците на НАТО. Идејата беше да добиеме правен субјективитет и понатаму, наместо како Штаб на ОНА, како Здружение на ветерани на ОНА да продолжиме да ги негуваме нашите вредности за кои се боревме... Сакавме да се престане со тензиите кои во минатото ги создаваше политиката под влијание на туѓи интереси...“
„А денес... Како дел од оние кои го дигнаа гласот поради неостварување на ветеното, ја загубив работата. Како казна за непослушност кон политичарите. И, денес, и јас сум еден од оние речиси 60 проценти граѓани на Македонија, кои преживуваат како што знаат и умеат... Жалосно е кога повеќето граѓани гледаат само како да избегаат од Македонија. А политичарите кои мислат само на себе, всушност, сакаат што повеќе од нас, обичните граѓани, да избркаат оттука. Сè додека на граѓаните не им се врати надежта дека има живот во Македонија, тешко ќе биде. Политиката во Македонија на граѓаните им ја уби надежта во поубаво утре!“
Рехабилитација и ресоцијализација...
„Како учесници во војната од 2001, ние сме и понатаму трауматизирани. Според меѓународните конвенции, на сите учесници во конфликтот требаше да им се овозможи рехабилитација и ресоцијализација во редовниот живот. За жал, тоа не се направи. По 2001-та, со канадската Влада се подготвувавме во две помали касарни во Тетово и во Куманово или во Скопје, да се сместат припадници на ОНА и да се почне со процесот на нивната ресоцијализација: преку разни курсеви или предавања, тие полека да станат дел од општеството. Но, таквите луѓе останаа на улица... И, добро е што од 2001 досега, не сме имале ниеден меѓунационален инцидент, меѓу припадници на бранителите и на ОНА. И тоа покажува дека ни тогаш ни сега, ние не сме имале проблем меѓу нас, како припадници на две нации, вери, воени формации..., туку, дека за сé е виновна политиката... Денес, лесно се вадат пиштоли, зашто во Македонија има многу пиштоли. На дел од припадниците на ОНА, 2001 не им се заменија пиштолите со пенкала или алатки, за да се најдат себеси во општеството. И денес, се вадат пиштоли, зашто некому му одговара да имаме етнички или верски конфликти, нешто што не сме го имале низ историјата“.
Кој ги убива командантите на ОНА?...
„Се додека припадниците на ОНА се третираат како слепо црево во македонското општество, тие ќе се снаоѓаат кој како знае и умее, за да опстанат, зашто, нив никој не ги штити. Еден дел од нашите пријатели се убиени и сите знаеме дека и државата има вмешано прсти во тоа. Тие луѓе беа елиминирани за да не се загрозат нечии позиции... Лудост е да се убива за политичка цел или во борба за функција! Парите од криминалот не се стекнати со пот. Ако се стекнати со крв, тие што ги стекнале, мора и да очекуваат пролевање крв. Жално е што и во ДУИ, партија која е произлезена од воените судири за остварување на правата на Албанците, сега се убиваат функционери, некогашни команданти. Тоа е последица и на фактот дека во режија на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, и во редовите на ДУИ се испраќани „натрапници“ за да ја контролираат партијата. Таквите и денес сакаат Албанците да се користат само како гласачка машина..“
Мафијашка држава...
„И бранителите и припадниците на ОНА се жалат дека не успеале да ги остварат своите права. И едните и другите се вложиле себеси, се жртвувале и себеси и своите семејства, за еднаш – засекогаш во Македонија да владее законот и рамноправноста. Но, кога во една држава нема закон и ред – успева криминалот! Наместо институциите на системот, во Македонија, очигледно, владее мафија, собрана од разни страни, криминалци кои немаат чувство за вредности и за државност. Наместо граѓанска, станавме мафијашка држава! Ни ОНА, ни бранителите не војуваа - за во прв план да избијат криминални групи кои не се заинтересирани за тоа сите во Македонија рамноправно и заедно да го поминат животот во мир.“