Демант на Археолошкиот музеј: Не бевме поплавени

Згрозени сме од текстот што го објавија неколку портали за „проблем со поплава“ во Музејот и наводни реакции - „изјави“ на вработените... Демантираме дека имало поплава, или било каков проблем за санирање.

Сите информации се лажни. Се чудиме како од стандардна процедура на чистење пред влезот - вест.

Музејот соработува со сите медиуми и редовно информира. Вчера, никој новинар нема побарано ниту изјава, ниту било каква информација. Туристи и минувачи секој ден ја фотографираат однадвор зградата. Вчера, забележано е лице со фотоапарат како ги  фотографира токму вработените коишто чистеа пред влезот, но никој не пристапил ниту до до вработените да побара информација.

Револтирани сме на  порталите коишто ја објавија веста креирана од  „граѓанскиот новинар“?! И, ги прашуваме истите: „Дали стигнале дотаму со новинарството - да ги објавуваат претпоставките, а не фактите, и да се пишува во наводници изјава од лицата - без прашување, туку со прислушкување? Ова е дно и срам за порталите кои што објавија. Размислуваме за тужба. Не е прв пат од овие медиуми да  „измислуваат“ вест за музејот и да измислуваат изјави од вработените. Сметаме дека овие портали имаат само цел да се дискредитира работата и популарноста на музејот. Неслучајно го пласирале текстот еден ден пред денешниот настан, кога имаме акција со Црвениот крст за дарување на крв, како придонес за неодамнешната трагедија во поплавените подрачја“, се вели во демантот на Археолошкиот музеј на текстот „Изби вода под Археолошкиот музеј!“, објавен според вест на граѓански новинар.