Демонстранти: Ќе дојде ден кога ќе влеземе во Собранието!

На 5-ти мај минатата година јавноста ја слушна опозициската „бомба“ за тоа како тогашниот премиер Никола Груевски, заедно со екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, нејзиниот помошник Иво Котевски, директорот на УБК Сашо Мијалков и нивните соработници се обидоа да го сокријат бруталното убиство на Мартин Нешковски, ноќта по изборите во 2011 година.  

Тогаш, ерупција од граѓанско незадоволство изнесе илјадници граѓанки и граѓани на улиците на Скопје, ноќ кога специјалните полициски сили уште еднаш ги покажаа мускулите и со жестока примена на сила, ги растурија демонстрантите. Повеќе лица беа уапсени, а голем број демонстранти беа тепани по улиците на градот во радиус од неколку километри околу владината зграда, долго по завршување на протестите.

Денес, една година подоцна, со протестите во Скопје се одбележа убиството на Мартин и на обидот на власта тоа да се скрие.

DSC_0105

Јасмина Голубовска: „Ќе дојде ден...“

Активистката за човекови права Јасмина Голубовска одржа емотивен говор за својата лична приказна пред Собранието. Таа им се обрати и на полицајците, велејќи дека "ќе дојде момент кога ќе влезам во оваа зграда позади, и јас, а и сите овие луѓе. Тогаш, вие ќе треба да ја чувате демократијата!“ Обраќајќи се кон братот на Мартин, Голубовска рече: "Ако треба, ќе протестирамe уште десет години, но ќе се избориме за правдата за Мартин!" По говорот на Голубовска, демонстрантите се упатија кон плоштадот Македонија.

13173129_960150937436709_1773007623690401793_o

Стоп на режимската бруталност

На зградите кон Плоштадот, се вееа натписи: "Стоп за режимската бруталност" и "Крвта не се крие", а на самиот плоштад, стотици демонстранти оставија црвен отпечаток од своите дланки на мермерните плочки.

Последна станица на денешниот протест, беше Владата, каде демонстрантите поставија големи портрети од Никола Груевски и Гордана Јанкулоска и им ги обоија лицата со црвена боја како симбол на крвта на убиениот Мартин Нешковски.

Протестите во Скопје но и во другите градови низ Македонија продолжуваат и утре, односно како што денеска скандираа демонстрантите, од 5-ти мај па се до крај.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email